Македонските фудбалски репрезентативци за време на вечерашниот тренинг имаа пријатно изненадување. Ги посети првиот селектор на македонската фудбалска репрезентација Андон Дончевски, чија цел беше да ги охрабри и да им посака успех во новиот циклус натпревари.
Воедно, на избраниците на сегашниот селектор Благода Милевски им честиташе за досегашните резултати кои ги постигнаа сите изминати години.
– Јунаци, моја почит кон сите вас. Го кренавте македонскиот фудбал. Јас го почнав, тешко, меѓутоа знаев дека ќе дојде и генерација како вас, рече Дончевски во своето обраќање до репрезентативците.
Фудбалерите во знак за благодарност му врачија подарок. Капитенот Стефан Ристовски во име на сите членови на националниот тим му подари дрес со неговото име и презиме.