Достојна на своето херојско семејство: Вера Ацева го креваше востанието во 1941 година, беше градоначалник на Скопје и министер кој се залагаше и за отворање на детски градинки

Борбата на македонскиот народ за слобода и за сопствена држава секогаш имала свои посветени борци, како поединци така и цели семејства. Учество на родителите, нивните деца, блиски роднини… била карактеристика во многу македонски градови. За жал, тие честo ја плаќале големата цена со загуби на неколку свои членови.

Таков пример е и прилепското семејство Ацеви, каде е родена Вера Ацева, истакната македонска револуционерка, народен херој, која почина пред 17 години, на денешен ден, 10 ноември 2006 година. Семејството Ацеви во Втората светска војна губи два сина, постариот Мирче Ацев, народен херој, и помладиот Димче, а родителите биле интернирани во Бугарија.

Вера, пак, успеала да ја преживее војната иако учества во сите фази на решавачката борба во која македонскиот народ дојде до слобода и сопствена република. Во тоа, голем е придонесот на Вера која уште во 1940 година, со 21 година, се вклучува во револуционерното движење.

Родена на 24 ноември 1919 година во село Ореовец, прилепско, таа по  завршувањето втора година гимназиско образование морала да се откаже од училиштето на 16-годишна возраст, иако била солидна ученичка. Оттогаш започнува да работи во тутунската индустрија како работничка на Тутунскиот комбинат во Прилеп. Во исто време ја започнува својата активност во младинското работничко движење за што била поддржана и од нејзиното најблиско семејство.

Во воениот период, во 1941 година, таа со партизанско име Доста ја има клучната улога во настаните на 11 октомври 1941 година во Прилеп и Куманово, коишто денес се одбележуваат како почеток на востанието во Македонија. Во почетокот на 1942 работи во Покраинскиот комитет на КПЈ во Скопје, по што дејствува како партиски инструктор во Струмица, Битола, Охрид и Велес. Во 1943 година Вера Ацева станува комесар на Шарскиот партизански одред, а при формирањето на Првата македонско-косовска бригада на 11 ноември 1943 година, таа е назначена на позицијата заменик-политички комесар сѐ до јануари 1944 година, кога ја добива функцијата политички секретар на Третиот и на Четвртиот областен комитет на КПМ.

На 2 август истата година Вера Ацева е делегат на Првото заседание на АСНОМ, каде што е избрана за член на Президиумот. Со тоа, таа е несомнено е една од политички најистакнатите личности во периодот 1941 – 1945.

Но, и по завршувањето на војната нејзиното учество на политичката сцена не запира. Во периодот 1946 – 1948 година таа е избрана за претседателка на Антифашистичкиот фронт на жените (АФЖ) во Македонија. Таа е прва градоначалничка на Град Скопје, која била на позиција во 1948 година. Во март 1949 година е избрана како министерка за земјоделство. Од 1951 година е избрана за министерка-претседателка на Советот за народно здравје и социјални грижи. Вера Ацева дејствувала за отворање детски градинки во градовите, во периодот во 60-тите и 70-тите години кога жените започнале да се вработуваат сѐ помасовно.

 Потоа била членка на Сојузниот извршен совет. Била пратеничка во повеќе свикувања на Собранието на НРМ и на СФРЈ. На 29 ноември 1953 година е прогласена за Народен херој на Југославија и е носителка на Партизанска споменица 1941 година.

Во 60-тите години Ацева се судира со некои од најистакнатите политичари во тоа време, поради што е испратена на работа во Белград. По ова таа е разрешена од политичката функција, но сепак продолжува да работи како пратеничка во Собранието на Македонија и во Сојузното собрание на Југославија. Во 1991 година ја објавува својата книга „Писмо до Светозар Вукмановиќ-Темпо“, каде што го објаснува своето гледиште за политичките настани додека била на функција…

Претходна вестУченичка во скопска Кисела Вода, покрај книгите во ранецот носела марихуана
Следна вестИзраел ја нападна Сирија