Доволно зеленило во Скопје расте само во изборните ветувања, есенва ќе има ли нови садници?

За да има зеленило за чиста околина и воздух не е решението да се засадат две три дрвца и грмушки во круг на десеткатници, смета скопјанка Мирјана Манојлова

На Скопје му фали зеленило! Сега е време за садење на дрвја, до каде е таа работа која треба да ја заврши градоначалничката Арсовска и нејзините општински колеги?

Ни гасовод кој функционира ни новозаседани дрвја. Ваква е денеска состојбата и на Водно по пет години откако во јавноста избувна револт поради сечата на дрвја за поставување на гасоводни цевки. Тогашниот градоначалник ветуваше, а беше и направена работна група со задача да направи план за пошумување, но нови садници Водно не виде. А тогаш, се сеќаваме, имаше и најава од градоначалникот дека Скопје до 2021 година ќе стане европска зелена престолнина…

Градоначалничка Данела Арсовска покрена работа на подигање на голем парк од 30.000 метри квадратни во Ѓорче Петров и на парк во населбата Стар Аеродром, а се подговува и локацијата за парк во Ново Лисиче. Но, дали тоа е доволно кога се знае дека потребите се уште поголеми на други места низ градот, а и таа имаше амбициозно ветување за садење дрвја низ главниот град.

-Скопје ќе обезбеди 100.000 квалитетни садници од автохтони видови дрвја годишно, наменети за пошумување на однапред утврдени реони во пошироката околина на градот, стои во изборната програма на Арсовска.

Сега настапува најпогодниот, есенски, период за садење на нови дрјва, но од Градот  и од општините нема најави дека се подготвуваат големи акции за пошумување и за подигање на нови зелени површини по градот. Тоа го забележуваат и граѓаните кои се незадоволни од тоа што во градот има се помалку зеленило.

-За да има зеленило за чиста околина и воздух не е решението да се засадат две три дрвца и грмушки во круг на десеткатници. Зеленилото значи поголема површина на садници во континуитет, а не некакво минијатурно паркче. Дрвја треба да се садат и таму каде што се сечат. Во последно време се повеќе има бетонизација на садниците, а тоа значи и уништување на истите, ни вели скопјанката Мирјана Манојлова.

Трендот со кој покрај големите згради се прават мини паркчиња е се поприсутен. Тоа, очигледно е со цел да се задоволат некакви урбанистички стандарди, но факт е дека некогашното зеленило го снемува.

– Аеродром со години го гледам како станува бетонска џунгла. Жално, само појдете од Железничка станица и движете се по булеварот па ќе видите како се уништува зеленилото. Зелените тревници се повеќе стануваат дел од кафулиња, заземени со маси, столчиња. Секој нов градоначалник сади дрвја покрај булеварот, но потоа се се остава на времето па се случува и половина да се исушат или ќе ги искршат ако им пречат на билбордите. Зошто кога нешто се посадило нема некој и да се грижи за него, вели аеродромката Дафина Кузмановска.

Од друга страна видливо е дека не се пополнуваат ни бројните испразнети места за садници (се исушиле, се искршиле) на скопските тротоари. А на ослободувањето на постоечките дрвја од асфалтот веќе и се заборави…

Приоритет околните соголени планини

Билјана Стевановска смета дека еден од приоритетите во пошумувањето треба да бидат соголените предели.

-Според мене, Скопје има доволно зеленило, но ЈП „Паркови и зеленило“ не води доволна редовна грижа за одржување, кастрење, обликување, косење, наводнување и обновување на старите и искршени растенија. Не се  води грижа за насадување нови садници ниту од приватните градини. Инаку, со новите дрвја треба да се пошумуваат околните населби кои се претежно во рамничарскиот дел, како и оголените со гола сеча предели на планините, смета Стевановска.

Претходна вестКанонизација на Кирил Пејчиновиќ за светител во Лешочкиот манастир
Следна вестКаде се инспекциските „одреди“ во време на воено и пазарно профитество?