Дождовите ќе ги зголемат водостоите на повеќе реки, можни локални излевања

Обилните врнежи од дожд кои на некои места ќе надминат и 50 литри на метар квадратен значително ќе ги зголемат водостоите на повеќе реки во земјава, предупредува денеска Управата за хидрометеоролошки работи. Се очекува зголемување на нивото на реките Радика, Сатеска, Коселска и Голема, Треска, Вардар и Црна.

-Не е исклучена можноста во западните делови од земјата врнежите да доведат до локални излевања на реките. Висок водостој се очекува и на реката Вардар во нејзиното горно течение, заедно со нејзините притоки во тој дел, укажуваат од УХМР.

Особено висок e водостојот на река Радика која вчера достигна висина од 177 см. на хидролошката станица Бошков Мост и бележи континуирано зголемување последните два дена (во кои има пораст од 100 см). Значително зголемен беше и водостојот на нејзината најголема притока, р.Мала Река, чиј водостој се зголеми за 50 см. и достигна 112 см. (на хидролошката станица Елен Скок). Водостојот на реката Сатеска се зголеми за 60 см. во последните два дена,

Во источниот дел врнежите се очекува да бидат послаби, но не се исклучуваат излевања на реките Крива, Кумановска и Пчиња.

Од УХМР предупредуваат на крајно претпазливо и внимателно движење покрај реките поради опасност од нивно излевање.

Претходна вестОблачно со повремен дожд, снег и со засилен ветер
Следна вестВо болниците се лекуваат 776 заболени од корона вирусот, слободни 450 болнички кревети