Протестот на приватните лекари се одвива во најдобар ред, а надлежните имаа доволно време да ги решат сите наши барања, од кои не се сите врзани за финансиски средства, вели за “Скопско ехо“ Лилија Чолакова – Дервишова, претседателката на Здружението на приватни лекари (ЗПЛМ)
Приватните лекари од денеска па во наредните три дена нема да работат со пациенти и нема да издаваат рецепти, но ќе бидат на нивните работни места и ќе примат само итни случаи. Со протестот се бара покачување на капитацијата, бришење на дестимулативната скала, зголемување на буџетите за специјалисти и лаборатории и за рурални амбуланти, да не се затвораат ординации на лекари кои сакаат да продолжат да работат над 64 години“…
Како се одвива протестот кој започна од денеска?
-Се е во најдобар ред. Лекарите се на своите работни места и како што е предвидено примаат итни случаи, но не издаваат упати и рецепти. Тоа наоѓа и на разбирање на пациентите кои ги знаат нашите проблеми. На протестот не се придружи само една мала група на лекари по семејна медицина кои не се согласуваат со нашите барања. Но тие не се во голема бројка. Ние стоиме зад сите наши барања. За приватните лекари во примарното и секундарното здравство од 2018 не е покачена капитацијата која е 63 денари, а во јавното здравство платите неколку пати се покачиле. Нема покачувања ниту во буџетот кај лаборатории, специјалисти, рурални доктори… Сакаме промени околу начинот на пропишување на лекови за хронични терапии и други работи.
Министерот за здравство Беким Сали минатата недела рече дека не го поддржува протестот и дека за реализација на тие барања е потребно време?
-Уште колу време треба да им дадеме. Ние веќе пет години ги истакнуваме проблемите и барањата, но тие за толку време не се решаваат. Зарем е тоа малку време. Се изменија повеќе министри за здравство, повеќе директори на Фондот за здравствено осигурување но ништо. Само со последниот министер за здравство и директорина ФЗО имамве педесетина средни но залудно. Треба еднаш сериозно да се седне и разговара за да се договори конкретно решение по што ќе си пружиме рака за договор. Но, наместо тоа имаме повремени средби по кои се се заборава. Не се сите наши барања врзани за финансиски средства. На пример, не чини ништо промена на пропишување на лекови за хронични терапии, но тоа е не се решава. Зошто?
Во каква состојбата се дејностите на приватните лекари?
-Се потешка и потешка. Последиците од ваквиот игнорантски однос се се поголеми. Ние се бориме да ординациите чии доктори ќе отидат во пензија да не се затвораат, а сега во Велес две медицински сестри останаа на улица од таа причина. Не треба да има дисконтинуитет во работењето на ординациите. Трошоците за ординациите се се поголеми и неиздржливи. Оваа наша битка, всушност, е битка за млади лекари, битка за тоа народот да не остане без лекари кои ќе се грижат за неговото здравје.