Драчево ќе добие крст висок 63,5 метри

За четири месеци во скопската населба Драчево треба да биде направен христијански крст која ќе биде висок 63,5 метри. Изградбата на крстот започна вчера во Паркот на бранителите, на верскиот празник Лазарева сабота. Кога ќе биде завршен, тој ќе биде втор по големина крст во Македонија, по оној на Водно. Подножјето ќе биде уредено со содржини кои ја карактеризираат Македонската Православна Црква, а од врвот ќе има поглед на Скопје.

Идејата за поставување на крстот, според градоначалникот на Општина Кисела Вода Орце Ѓорѓиевски, е од граѓаните.

– Сигурен сум дека оваа локација ќе им биде омилена на нашите жители, дека ќе биде атрактивна дестинација за туристите, и секако, ќе биде значајно одбележје на Драчево, но и на цела Кисела Вода. Како нераскинлив дел од македонскиот идентитет и континуитет, како симбол за вербата во Бога, како сведок за страданието и воскресението, крстот е и религија и обединување, е заедништво и сплотеност за секој кој мирот го наоѓа во молитвата и добрите дела, рече Ѓорѓиевски.

Тој изрази своја благодарност Светскиот Македонски Конгрес, кон компаниите ФАКОМ АД и ДАБАР ДООЕЛ кои се ктитори на овој проект. Одлуката за изградбата на крстот е донесена едногласно од страна на сите советници во Советот на Општината Кисела Вода.

Претходна вестКовачевски очекува реципроцитет за бугарските граѓани со македонско самосознание
Следна вестЛевица се поклони на гробот на Јане Сандански