ДУИ го промовира претседателскиот кандидат Бујар Османи

Демократската унија за интеграција (ДУИ) синоќа го промовира претседателскиот кандидат, Бујар Османи. Конвенцијата се одржа во Спортско-рекреативниот центар (СРЦ) „Кале”, под мотото „Дојде време за првиот претседател Албанец“.

Османи вети дека со севкупниот дипломатски багаж ќе се бори за да се подобрат состојбите во земјата.

-Нашата иднина е во ЕУ и ова мора да им го исполниме на граѓаните. Мора да го запреме одливот на младите, мора да се инвестира во економијата, мора да се вложува во образованието согласно светските стандарди. Докажавме дека можеме да имаме успешен претседател на Собранието, успешен премиер, сега на нас, на нашата генерација е да докажеме дека можеме да имаме и успешен претседател на Републиката. Претседател кој ќе обединува, но и претседател кој ќе се грижи за институциите и почитувањето на уставниот поредок, истакна кандидатот за претседател и воедно министер за надворешни работи, Бујар Османи

Тој напомена и дека ја има добиено „севкупната надворешна поддршка“.

По Османи, пред присутните се обрати и лидерот на ДУИ, Али Ахмети.

– Заедно со народот постигнуваме се, ние со народот изградивме тврдина која не се урива, со знаме, јазик, традиција, историја, универзитети, па докажуваме дека сме способни и секогаш победници. ДУИ ги крена кадрите за оваа држава, за овој народ, така што ова е најголемата инвестиција што ја направивме. Не е лесно да се мерат со ДУИ, бидејќи сите инвестиравте во националните капитални дела, кои никој не може да ги откорне, рече во својот говор првиот човек на ДУИ, Али Ахмети.

Според Државната изборна комисија (ДИК), Османи ги собра потребните 10 000 потписи од граѓаните заклучно со 26 февруари годинава. За него до 20 часот тој ден се потпишале 10 528 граѓани. Податоците на ДИК од 7 март до 20 часот покажуваат дека Османи има собрано 11.085 потписи.

Претходна вестПроменливо облачно со сончеви периоди
Следна вестПијан радовишанец нападнал полицајци на сред полициска станица