ДУИ тргнува со слоганот „Да! Тој доаѓа“, се чекаат ли изборите и прв премиер Албанец?

Слоганот „Да! Тој доаѓа“ е мото на се уште неофицијализирана кампања која се очекува да започне во редовите на ДУИ, партијата која е дел од владеачката колаиција. Партиските членови и симпатизери на социјалните мрежи веќе почнале да го споделуваат слоганот за којшто се уште е е јасно на што се однесува. Од партијата не откриваат на што се однесува новиот проект.

Во јавноста ваквиот слоган се поврзува со кампањата која деновиве се најавува за избор на прв премиер Албанец во Македонија. Министерот за надворешни работи од редовите на ДУИ Бујар Османи пред неколку дена најави дека наскоро Албанец ќе биде премиер.

– Првот албански премиер ќе има за неколку месеци, изјави неодамна Османи на партискиот собир во Чаир а што повлече мислења дека наскоро ќе се распишат и предвремени парламентарни избори. Но, Османи веќе утредента побрза да објасни дека не мислел на скорешни предвремени избори, дека тие ќе бидат во редовен термин. Сепак, веднаш потоа и вицепремиерот Артан Груби потсети дека договорот што бил постигнат меѓу лидерот Али Ахмети и поранешниот премиер Зоран Заев предвидува во последните 100 дена од мандатот на Владата функцијата да ја извршува Албанец.

Првата кампања со навестување дека интегративците подготвуваат нешто ново беше за премиер Албанец во пресрет на парламентарните избори во 2020 година. Тогаш ДУИ го лансираше слоганот „Премиер Албанец, зошто да не?“. Во промоцијата на првиот премиер Албанец ДУИ тогаш и на социјалните мрежи и на билборди ја промовираше таа идеја и со прашањето „ Кој ќе биде следниот премиер?“, а на фотографијата беа ликовите на Зоран Зоран тогашен лидер на СДСМ, на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски и третиот лик беше силуета со позадина на албанското знаме. За локалните избори ДУИ по истиот принцип истрча со зелената агенда како најава дека партијата се менува и дека во фокусот на интегративците е животната средина.

Ова се случува во моменти кога расколот во ДУИ кулминира и кога „огнената група“ одржува чести средби со граѓани. Од „Огнената група“ веќе најавија петиција за разрешување на Груби и министрите во Владата од редовите на интегративците. Оттаму, новата партиска мобилизација може да се доведе и во тој конктест. Од друга страна, прашање е дали кампањата на ДУИ ја има само таа адреса? Односно, дали примателот е и партиското седиште на СДСМ за да социјалдемократите се потсетат дека ДУИ е решавачки фактот во чии раце се предвремените избори? Ваква опција е можна и ако водството на ДУИ решило во следниот период од премиерот Димитар Ковачевски и од СДСМ да побараат и бројни други отстапки кои ќе значат исполнување на нивните барања и потреби.

Претходна вестРасчистени 5 кривични дела, приведен крадецот од Куманово
Следна вестУкраинците тврдат дека собориле кинески дрон на нивна територија