Две лица се обвинети за предизвикување на верижен судир на автопатот Велес – Скопје што се случил на 16 јануари минатата година а во кој едно лице загина а повеќе беа повредени. Основното јавно обвинителство во Велес до Основен суд Велес поднесе Обвинителен предлог против две лица за кривично дело – Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот од член 300 став 3 во врска со член 297 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик. Во обвинението се наведува дека тие не се придржувале кон сообраќајните прописи и предизвикале верижна сообраќајна несреќа со која го довеле во опасност животот и телото на други луѓе. Првиот обвинет управувал патнички автомобил на автопатот „Пријателство“, делница Велес-Скопје. Кај местото викано Пуста Кула, после наплатната рампа Отовица, не ја приспособил брзината на движење на возилото кон својствата и состојбата на патот – видливоста, прегледноста и атмосферските услови.
-Во услови на намалена видливост поради густа магла и замрзнат и лизгав коловоз, непочитувајќи ги сообраќајните знаци, автомобилот го управувал со брзина од 105 километри на час. Како резултат на тоа изгубил контрола врз возилото и застранил десно, па го завртел воланот на лево, што предизвикало излизгување на автомобилот, со кој најпрвин удрл во бетонската ограда од вијадуктот, а потоа и во заштитната метална ограда. Се запрел во попречна положба во однос на правецот на движење на автомобилите, зафаќајќи го поголемиот дел од левата и еден дел од десната сообраќајна лента, се наведува во обвинението.
Вториот обвинет, пак, управувал со товарно моторно возило со 0,16 промили алкохол во организмот. Кога пристигнал на местото на кое бил извртен патничкиот автомобил, наместо да го запре товарното возило на посебната лента за принудно запирање, тој го застанал на десната сообраќајна лента, со што целосно го попречил движењето по автопатот. Притоа не презел никакви мерки за отстранување на опасноста или предупредување на останатите учесници во сообраќајот.
-Како резултат на ова однесување настанала верижна сообраќајна несреќа во која учествувале уште еден влекач и четири патнички автомобили. Во несреќата, една патничка го загуби животот, а неколкумина беа повредени, соопшти Обвинителството.