Вредеше, дали ги исполни очекувањата и што добивме од Преспанскиот договор? Ова се прашања и дилеми кои и денеска, на двегодишнината од неговото потпишување, се поставуваат во македонската јавност во однос на овој Договорот, со кој се надмина македонско-грчкиот спор, стар речиси три децении. Спогодбата, потпишана во пограничното село Нивици од страна на министрите за надворешни работи Никола Димитров и Никос Косијас, го дефинираше утврдување и толкување на поимите „Македонија” и „македонски”. Со членот 7 се прави јасна дистинкција дека поимот
„Македонија” и „македонски” во Грција го означува Хеленскиот дел од историјата. Утврдено е дека „Македонија” и „македонско” во наш контекст ги отсликува нашата територија, нашиот јазик, народ со сите атрибути, историја, култура и наследство – различни од оние во Грција.
Врз основа на договореното, нашата земја се преименуваше во Република Северна Македонија, во постапката на која и претходеше неуспешниот референдум за прифаќање на новото име од страна на нашите граѓани, но и подоцнежното изгласување на уставните промени промена преку, до последен момент неизвесно, обезбедување на двотретинско парламентарно мнозинство. Со овој договор, практично, се отвори патот за евроатлантските интеграции на нашата земја кој постојано беше блокиран со грчкото вето.
На 27 март годинава Македонија стана полноправна членка на НАТО, а во истиот месец и ни најавија скорешен почеток на преговори за членство во Европската унија, а што беше и главниот мотив и целта на Договорот од Преспа.
Меѓутоа, токму ова прашањето дали Македонија ја плати прескапата цена за деблокирање на евроатлантските интеграции е основата на крајно различниот однос кон овој договор во македонската јавност.
-Договорот со Грција стави крај на тридеценсикиот проблем со Грција и ги постави основите за нашата подобра и посакувана иднина уште од независноста на земјата – членство во НАТО и забрзување на ЕУ-интеграцијата на земјата, оцени денеска техничкиот премиер Оливер Спасовски.
Наспроти ова од редовите на најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ веднаш застанаа на ставот дека „договорот е капитулантски”.
-Договорот е штетен за државата, се губи македонскиот идентитет, се распарчува земјата, се продава историјата, се поткопува волјата на граѓаните, изразена на референдумот на 30 септември. Доколку дојдеме на власт со двотретинско мнозинство ќе го укинеме Преспанскиот договор, категоричен беше лидерот Христија Мицкоски.
Но, забалежително е дека во изминатиов период од редовите на оваа партија не доаѓаат многу изјави со кои се навестува дека договорот ќе биде поништен. Наспроти ова, од редовите на неколку вонпарламентарни партии доаѓаат категорични ставови дека договореното во Нивици треба да биде поништено. Слични, различни, ставови во однос на Договорот се изнесуваа и во грчката јавност каде сега владеачката партија Неа демократиа, која како тогашна опозиција му се противеше пред две години,
сега го применува. Со вакви, дијаметрално спротивни, ставови околу тоа што донесе за нашата земја овој документ од денеска влегува во трета година од своето постоење. Политичките субјекти во наша земја се уште се далеку од одговорот дали се исполнети очекувањата. Со тоа, очигледно, продолжуваат и различните видувања за тоа што тој донел а што му одзел на македонскиот марод и на граѓаните во наша земја.