Две линеарни покачувања на пензиите, првото од 2.500 денари ќе биде во септември, второто во март

Првото линеарно зголемување на пензиите ќе биде со септемвриската пензија, кога ќе бидат покачени за 2 500 денари, а второто линеарно зголемување ќе биде во март со нови 2.500 денари, најави денеска премиерот Христијан Мицкоски.

Тој денеска во Драчево изјави дека во моментов во Буџетот нема пари за покачување на пензиите, но со ребалансот на буџетот на кој треба да биде во средината на јули, ќе се обезбедат пари за линеарно покачување на пензиите.

Првото зголемување на пензиите, како што вели Мицкоски, ќе биде со нивелирањето во септември, а второто со тоа во март.

-Во буџетот што е поминат за оваа година недостасуваат околу 2,5 милијарди денари. Најверојатно ќе имаме две линеарни зголемувања, ова ќе добие потврда во текот на утрешниот ден или денот потоа. Ќе имаме две, едно со нивелирањето сега во септември, линеарно зголемување сега во септември 2.500 денари и другото ќе биде во март уште 2.500 денари, рече Мицкоски денеска одговарајќи на новинарски прашања по денешното ставање на камен-темелник на училиште во скопската населба Драчево.

Според Мицкоски, средства најпрво ќе треба да се обезбедат со ребалансот и тоа 2,5 милијарди денари што е околу 40 милиони евра за тековни пензии.

-Во овој буџет тие пари недостасуваат, се трошеле за работи за кои мислам дека многу ќе се занимаваат истражните органи во периодот што следи. Уште дополнителни 2,5 милијарди денари се подготвени за ова првично зголемување кое ќе биде во септември за овие три месеци, односно септември, октомври и ноември бидејќи пензиите ќе се исплаќаат во октомври, ноември и декември. Останатите ќе бидат за следната година со нивелирањето во март, додаде Мицкоски.

Со тоа, рече Мицкоски, практично нашето ветување за линеарно зголемување на пензиите од 5 000 денари во првата година ќе биде и порано исполнето, не до јуни туку ќе биде до март идната година.

Претходна вестБарал 300 евра од девојка за да не објави нејзини компромотирачки видеа, ќе добие пријава
Следна вестЦУК: Извлечена е екипата на брзата помош која беше заглавена во лифт во Кисела Вода