Две лица фатени со оружје на „Илиндеска“ во Скопје

Кај две лица при проверка на нивните автомобили на булеварот Илинден во Скопје биле пронајдени пиштоли што ги поседувале без дозвола.

Според информациите од скопското обвинителство, првиот осомничен, 26-годишник од селото Ласкарци, на 20 јули на булеварот Илинден во Скопје, неовластено носел пиштол марка EKOL Tiger за светлосно-звучна сигнализација, на кој била извршена дополнителна механичка интервенција, монтирање и поставување метална жлебна цевка.

Со тоа пиштолот бил прилагоден во огнено оружје – полуавтоматски пиштол, во кој имало пет куршуми со калибар од 6,35 мм. Оружјето и муницијата биле пронајдени во касетата на предното совозачко седиште од автомобилот со кој управувал осомничениот.

Во исто време, на истата локација бил сопрен уште еден автомобил во кој како совозач бил вториот осомничен на возраст од 32 години, исто така од селото Ласкарци. Кај него бил пронајден пиштол марка TOKAREV Tokagypt 58 со една рамка со седум куршуми.

Јавниот обвинител до Основниот кривичен суд достави предлози за определување мерки на претпазливост за двајцата осомничени – забрана за напуштање на живеалиштето, обврска да се јавуваат повремено кај определени службени лица и привремено да им бидат одземени пасошите

Претходна вестПродолженото породилно отсуство ќе трае до завршувањето на привремените мерки
Следна вестКако од план за нова „Фонтана“ никна бетонско здание на најмалку 2 спрата?