Планот за реконструкција на кафулето „Фонтана“ на терен стана огромен објект, со бетонска конструкција што одговара на згради – а не на мали објекти како кафуле, на пример. Ова беше причина градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу, да го смени мислењето во врска со ова здание во рок од само 2 недели. Па така, прво велеше дека се е во согласност со дозволата за градба, за по 15 дена децидно да најави оти објектот е дивоградба и ќе биде урнат.
– Ајдеее, и ова како со платформите на Матка: Шилегов топката ја префрлаше на градоначалникот на Сарај, тој му ја враќаше назад, па божем министерството за транспорт и врски нешто прави, на крајот никој не бидна одговорен, а платформите не само што никнаа туку и си работат… Истото ќе се случи и со овој објект, паметете ми го зборот, ни пишува редовен читател на „Скопско ехо“.
Колку за потсетување, на 2 јули Ганиу уверуваше „дека инспекторите биле на терен и потврдиле дека се постапува соодветно“. На 17 истиот месец веќе порача дека тековнава недела ќе се утврдувало кога ќе се почнело со уривањето. Но работници секојдневно работат на објектот, таква беше сликата и вчера и денеска…Ако уривањето е најавено тогаш градежните активности би требало да престанат? Но, зданието на местото на „Фонтана“ си расте.
Сопственикот на објектот, на тема уривање не сака да разговара со новинарите, а не е расположен ниту да објасни што се случува.
Култното студентско место за кафенце „Фонтана“ изгоре пред 2,5 месеци, во пожар и тоа во среде полициски час. За среќа немаше повредени.