Имаме една заедничка држава и сите сме одговорни да ја чуваме и развиваме, за нас и за идните поколенија. Тоа е наш долг кон сите оние кои се бореа за таква граѓанска држава, општество на сите граѓани во кое ќе растат нашите деца, внуци и идни генерации кои заслужуваат да живеат, растат, се образуваат и творат во европска Република Северна Македонија, современа и просперитетна држава на европски граѓани, истакна претседателот на Собранието Талат Џафери во денешното обраќање во Меморијалниот центар АСНОМ во Пелинце по повод националниот празник Илинден.
Џафери истакна дека Илинден навистина е единствениот концепт кој што ја опишува вредноста и основата од која сите поаѓаме и во која наоѓаме сила за продолжување понатака во градењето на иднината на нашата заедничка држава.
– Настаните во минатото не уверија дека само сплотувањето кон заеднички дом за сите, со јасна визија, мудрост и разум е единствената, природна и остварлива крајна цел. Ако се однесуваме одговорно и разумно кон државата и граѓаните, со взаемна почит и соработка, прифаќајќи го изразувањето на особеностите и карактеристиките на секоја етничка заедница, на културата, јазикот, идентитетските обележја како природно право, тогаш патот по кој треба да чекориме е одамна детерминиран, уште од првите илинденци. Тие биле свесни дека само со надминување на тесната и себична рамка, со отворање на умот и силно прегрнување на благодатите кои ги нуди нашата земја, ќе бидеме пример за нова и додадена вредност во регионот и пошироко, рече Џафери.
Претседателот на Собранието посочи дека предизвиците на нашиот пат никако не престануваат и не се намалува тежината на одлуките што треба да се донесат., а секоја нова тешкотија, нова пречка е тест за државата, за институциите и за граѓаните, и, се разбира дека, како што вели, тоа фрустрира.
-Гледано објективно и со искрена намера за кажување на работите онака како што се, ќе го кажам тоа што на сите ни е познато, а тоа е дека ниту една земја не наиде на поголеми препреки од Република Северна Македонија на нејзиниот пат кон членство во НАТО и Европската унија. Во тој процес, за жал, се разјадуваше нашето општество, се групираше во табори, во предавници и патриоти, во европејци и русофили, во албанофоби и бугарофили, во комуњари и вмровци, А тоа никако не беше во полза на државата. Тоа никако не одеше во прилог на обединувањето кон крајната цел, рече Џафери.
Според него, и во тие лоши времиња на делби, имаше и се уште има луѓе со јасна визија и искрена намера да не се дозволи да се изгуби тоа што е одамна стекнато.
-Верувам дека откажувањето од се и тврдоглаво држење за една флоскула која на крајот на краиштата е само празна флоскула која не нуди никакво алтернативно и можно решение туку само ан блок ги одбива можностите, никогаш не било и нема да биде опција за тие што вистински ја сакаат Република Северна Македонија. Тврдењето дека само така се сака државата, губејќи се при тоа себеси, државата и се разбира идентитетот, секако дека не е прифатлива опција. Затоа што, идентитетот не е нешто што се дава и одзема, идентитетот е тоа што сме и што го носиме во нас. Тоа што сме го слушале и учеле од нашите предци, тоа што ќе им го кажуваме и предадеме на нашите идни поколенија, рече Џафери во Пелинце.