Џафери ја отфрли иницијативата за Референдум, за ВМРО-ДПМНЕ тоа е кукавички и неуставен потег

Претседателот на македонскиот парламент Талат Џафери вчера попладне ја отфрли иницијативата на ВМРО-ДПМНЕ за референдум а што најде на жестоки реакции во најголемата и другите опозициски партии. Во соопштението Џафери се повика на членот 118 од Уставот, односно, дека Меѓународните договори се дел од внатрешниот правен поредок и не може да се менуваат.

-Имено, во членот 118 од Уставот на Република Северна Македонија е утврдено дека Меѓународните договори што се ратификувани во согласност со Уставот се дел од внатрешниот правен поредок и не може да се менуваат со закон. Во членот 8, став 1, алинеја 11 од Уставот е утврдено дека темелната вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија е и почитувањето на општоприфатените норми на меѓународното право. Поради горенаведеното, доставената граѓанска иницијатива не е прашање по кое може да се распише референдум на државно ниво, напиша Џафери во одговорот до Мицкоски.

Најголемата опозициска партија денеска во своето соопштение обвини дека Талат Џафери и „неговите ортаци од антимакедонската СДС врска немаат со Устав, право, закони и демократија“.

-Единствено што знаат е да ги погазуваат и кршат. Се потврди дека антимакедонската СДС има уплав од соочување со народот. Се потврди дека заедно со Талат Џафери ќе направат се за да го избегнат референдумот на кој народот ќе каже што мисли за штетниот договор со Бугарија. Знае антимакедонската СДС дека народот во огромно мнозинство е против изворот на асимилаторската и негаторска политика насочена кон Македонија, па заедно со Талат Џафери се претворија во уставни судии и самоволно одлучија да го толкуваат и газат Уставот. Прават се само за да не го слушнат народот и да му ја спасат кариерата на Ковачевски. Но во очајот и нервозата уште повеќе се заплеткаа, се наведува во соопштението.

За ВМРО-ДПМНЕ Референдум за поништување на Законот за ратификација на Договорот со Бугарија е во согласност со чл.24 од Законот за Референдум, и не е во спротивност со Уставот.

– Ова референдумско прашање не го менува Договорот, туку се спори Законот за ратификација со кој тој се прогласува за важечки. Очигледен е стравот на власта предводена од Ковачевски. Со ваквиот кукавички потег тоа само го потврдија. Може да бегаат, но нема да избегаат од народната казна. Народот никој не го поразил. Од народната казна никој не се спасил, па ни антимакедонската СДС, ни Ковачевски, се вели во соопштението.

И лидерот на левица Димитар Апасиев реагираше на отфрлањето на иницијативата и наведе каде се, според него, згрешил Џафери.

– Спикерот не е надлежен да се впушта во мериторно оценување на иницијативата за распишување референдум, туку може само да ја цени нејзината „УРЕДНОСТ“ од формално-правен аспект. 2. Спикерот не може сам, без претходно МИСЛЕЊЕ од две собраниски комисии, да одлучи за уредноста на иницијативата. Спикерот, доколку смета дека иницијативата е неуредна, прашањето го префрла на ПЛЕНУМОТ на Собранието, поради тоа што само тоа има уставна и материјална надлежност да цени дали истата ќе продолжи или ќе запре. Единствено СОБРАНИЕТО (на пленарна седница), а не спикерот, е надлежно да одлучи ад меритум за уредноста на поднесената граѓанска иницијатива – преку носење на подзаконски правен акт наречен „Заклучок“ (а не „Известување“). Дури тогаш можеш да го известиш подносителот! Толкувањето дека Уставот не дозволува менување на ратификуван меѓународен договор се однесува исклучиво само на МУЛТИЛАТЕРАЛЕН ДОГОВОР, а никако на билатерален! Аргументум а фортиори, дури и Влада, а комоли пак Собранието, може да го раскине овој договор со Бугарија, објасни Апасиев на социјалните мрежи.

Тој додаде дека со вакво самоволие Џафери сторил кривично дело „Спречување на избори и гласање“ казниво по чл. 158, ст. 1 од Кривичниот законик, со запретена затворска казна од минимум три години (за што правниот тим на Левица ќе процесира соодветна пријава во ОЈО), најави лидерот на Левица.

Претходна вестСанкционирани 149 возачи во Скопје, 20 возеле без возачка дозвола
Следна вестСДСМ: Мицкоски намерно поднесе неуставна иницијатива за референдум