ДЗР: Искористеноста на националниот портал за е-услуги од страна на граѓаните е на ниско ниво

Процесот на дигитализацијата на услугите е бавен, влијае врз квалитетот и достапноста на електронските услуги, а искористеноста на националниот портал за е-услуги од страна на граѓаните е на ниско ниво. Ова го нагласува Државниот завод за ревизија кој изврши ревизија на успешност – ревизија на информациски системи на тема „Ефективноста на националниот портал за е-услуги“, со цел да даде одговор на прашањето „Дали со дигитализација на услугите, за граѓаните ќе се обезбедат поефикасни, целосни, квалитетни и електронски услуги со пониски цени?“

-Отсуствува и промоција и информираност на граѓаните и бизнис заедницата од страна на Министерството за информатичко општество за дигитализацијата на процесите кај институциите и електронските услуги што се нудат преку националниот портал. Во исто време и отсуството на дигитални вештини на граѓаните придонесува за недоволно искористеност на можностите кои ги нуди порталот за е-услуги, се наведува во извештајот.

Се додава дека со воведување на електронските услуги, се намалува влијанието на административни службеници во постапките и се зголемува употребата на материјално технички средства за издавање на електронски документи.

-Во системите на Националниот портал за е-услуги вложени се 829.167 илјади денари од Буџетот и ИПА проекти. На порталот се регистрирани 112.657 корисници кои побарале 64.700 е-услуги. Имајќи ги во предвид средствата кои се вложени во развој и одржување на националниот портал за е-услуги и бројот на реализирани е-услуги, произлегува дека цената на една реализирана услуга преку овој портал изнесува 12.815 денари. Поединечниот или фрагментираниот институционален пристап за развој на самостојни е-решенија, вложени финансиски средства за нивно одржување, резултира со нерационално користење на ресурсите, нагласуваат ревозорите.

За надминување на наведените состојби дадени се препораки со цел забрзување на дигитализацијата во државата, воведување на поголем број на електронски услуги, синхронизација на корисничките профили на граѓаните од различни портали со националниот портал, пошироко прифаќање на електронските документи и поголема искористеност на националниот портал како централен систем за единствена најава.

Претходна вестБез вода жителите од улиците „Востаничка“ и „Св.Наум Охридски“
Следна вестАвтомобил удрил во велосипедист на „Партизанска“