Во време кога во целиот нормален свет се прават брзи возови и експресни железнички линии, во Македонија локомотивите се стари, стојат на слеп колосек, а пругите се распаѓаат. Дали целта е се тотално да се уништи или пак не ги бива да го одржуваат ниту она што претходните генерации го направиле?
Железничкиот сообраќај од Скопје кон Гевгелија е се уште во прекин. Напукнатиот столб на мостот на Црна Река и натаму ги принудува патниците да се симнуваат на станиците во Градско и Кукуричани, па оштетеното место го премостуваат со автобус, за повторно да продолжат со воз…
Смешно, а жално. Среќа, не ги тераат патниците некој километар и пеш да се движат, а при тоа во билетите да си гледаат.
Транспортниот железнички сообраќај, пак, е во целосен застој. До кога, не се знае. Пред пет години, кога, исто така, напукна првиот столб на овој мост поправката траеше 40 дена, а стопираниот сообраќај на Македонски железници им нанаесе штета од 1,2 милиони евра.
Напоредно со ова, вчера не ни тргна единствениот попладневен воз од Скопје кон Битола. Причина било дефект на локомотивата по што е незивесно кога таа, една од малкуте што се имаат, ќе се поправи.
Претходно, сообраќајот на оваа делница го стопираа пожарите во кои гореа дрвени прагови на пругата, мораше на 20 километри на саат да се ограничи брзината на возовите на делницата кон Велес поради дотраеноста на пругата… А круна на се беше редукција на возовите кон Битола поради лошата материјална и финансиска состојба во Железницата, штрајкови на машиновозачите поради неисплатени плати…
На проблемите во македонскиот железнички сообраќај, очигледно, им нема крај. Се прави ли нешто посериозно за проблемите да се решат?
Владата деновиве преку издавање на четврта емисија на акции по пат на приватна понуда одвои дополнителни 15,7 милиони евра за Железници на РСМ-Транспорт. На овој начин, практично, реши да се помогне работењето на државната железничка компанија, која има огромен долг од околу 64,9 милиони евра заклучно со првото полугодие од 2023. Но, уште сега е јасно дека со тоа проблемите нема да се решат туку само се обезбедува какво-такво продолжување на работата. Проблемите се многу поголеми отколку што можат да се решат со ваква интервенција, а тие се врзуваат со поставеноста и организацијата на Железницата, со нејзиното скапо менаџирање, големиот број на вработени, лошата состојба на инфраструктура, на возовите…
Сето тоа мора да се реши за да загубите и натаму не се трупаат. Но, сите овие години никако да се најде решение. Има само „силни“ најави дека ќе се бара решение, дека ќе се прави реорганизација, дека ќе се прави физибилити студија која ќе покаже кој модел на јавно-приватно партнерство е најдобар, ЌЕ, ЌЕ…
Денеска, пак, беше објавено дека Македонија утре со Србија ќе потпише Меморандум за изградба на брза пруга од Ниш до Скопје, за што двете земји заеднички ќе побараат средства од ЕУ. Тука, македонските партнери би требале да ги проектираат „своите“ 50 километри од границата до Скопје.
Ќе биде ли таа работа? Ако се погледне дека за еден столб напукнат им треба…
Да ја споменуваме ли пругата кон Бугарија?