Една работа новата власт не смее да ја заборави

Колумна на Никола Тасев:

СДСМ е во нокдаун, ама некои нивни попалени подржувачи и ботови уште мафтаат со рачињата, сакајќи да зададат удар на противникот кој веќе не е во рингот, туку е на пиедесталот, каде народот му даде златен медал. Море смешни професори и бивши министри држат лекција (читај држат страна на странците) море… „а одозгора на тога“, што би рекол Заев – токму Заев се чул со Ципрас и заклучиле дека имало националистички популизам. Не очекував лидерот од Муртино толку неосновано да си го нападне сопствениот народ и оние кои тој ги избра.

А всушност, баш народот ми е тема на денешнава колумна.

На почеток на мандатот на секоја влада, вообичаено е да се „фрлаат“ погледи на тоа што од неа може да се очекува и што ќе бидат нејзините главни приоритети. Колку и да се различни во рангирањето „темите“ што новата власт мора најпрво да ги обработува, сепак заедничкото на сите е дека ВМРО-ДПМНЕ ќе има максимално тешки задачи за решавање. Факт е дека претходната власт на СДСМ и ДУИ најмногу се грижеше за сопственото добро, па создадоа хаос, ја заглибија Македонија во кал и ја претворија во нефункционална држава со многу проблеми.

Сигналите од новото мнозинство се дека приоритети им се економијата, земјоделието, европскиот пат, реформите на системот, дигитализација… И тоа е добра проценка, но ќе истакнам еден приоритет, кој новите во власта не ќе смеат да го заборават – гласот на граѓанинот.

Новата влада мора да работи спротивно од досегашната и да го вреднува мислењето на народот. Во избирачките кутии народот остави правци за делување. А и справувањето со проблемите ќе и биде полесно на владата доколку го има народниот ветар во грбот и особено ако граѓаните бидат активно вклучени во решавањето. ВМРО-ДПМНЕ им го должи тоа на граѓаните и не смее во ниту еден момент да ја заборави нивната огромна поддршка што ја доби на изборите. Но, и мора да извлече поука од тешката казна што граѓаните им ја дадоа на претходниците, токму затоа што го игнорираа нивниот глас. Оти кога се одлучуваше за крупни прашања, народот кажуваше едно, а власта слушаше други кажувања. Кога се одржуваше референдумот за промена на името, граѓаните јасно кажаа – НЕ, ама власта не ги слушаше. Кога се усвојуваше францускиот предлог за промена на Уставот, огромното мнозинство од граѓаните беа против, а власта си тераше по свое…

И еве испаднаа ли попаметни што не го слушаа народот? Подобро ли и е на Македонија откако тераа по своите „визии“?

Воедно, и граѓаните не смеат веќе, ниту со новата власт, ниту со никоја следна, да останат пасивни, туку активно да се грижат како за сопствените права, така и за доброто на државата и на сите граѓани. За таа цел граѓаните мора, многу повеќе отколку досега, да бараат да бидат слушани и послушани, да имаат граѓанска контрола врз одредени процеси, да имаат право преку референдуми да решаваат за клучни прашања во општеството и за нив да не одлучува мала група на луѓе. Ама и резултатите од референдумите – власта да ги чита како што граѓаните ќе ги „напишат“.
Досегашното искуство во македонското општество, а и искуствата од другите општества, укажуваат дека функционална држава е можна само доколку се направи обединување меѓу граѓаните и власта и само доколку не се игнорира мислењето на мнозинскиот дел од граѓаните.

Оттука, ВМРО-ДПМНЕ ќе има голем предизвик да го вклучи и гласот на народот во своето владеење и преку народни луѓе на главните позиции да го исправи правецот на бродот Македонија кон помирни води. А оние како Заев што ќе мафтаат со рачињата во празен ринг, треба да се игнорираат. За кратко време дури и таквите ќе мора да разберат дека помина времето кога на народот му се лепеа разни навредливи или несоодветни етикети. Ако не сфатат народот пак ќе ги „поздрави“ на избори – еве ги локалните се следната година.

 

Претходна вестДИК го поништи гласањето на четири избирачки места во Желино, Охрид и во Крушево
Следна вестНеексплодирана рачна бомба пронајдена на улица во Демир Капија