Експертите советуваа никој да не бара отштета, а за новиот рок за автопатот Кичево – Охрид да се преговара

Автопатот Кичево – Охрид да продолжи да го гради истата кинеската фирма „Синохидро“, ниту таа ниту државата Македонија да не бараат отштета за досегашнодо доцнење, а новиот прифатлив краен рок за завршување на патот заеднички да го утврдат. Ова била препорака на експертот од ФИДИК (Меѓународна федерација на консултантските инженери), кој го анализира доцнењето на изградбата на автопатот Кичево – Охрид по по барање на македонската Влада. Агенцијата „Макфака“ објави дека препораката била „Пријателско порамнување“ и врз основа на тоа Владата одлучи да не го раскинува договорот со кинеската компанија.

Повикувајќи се на изворите во Јавното претпријатие за државни патишта „Макфакс“ објавува дека новиот рок за завршетокот на автопатот не може да се прецизира.

-Во дел од анализата стои: Во состојба кога во ревидираниот краен рок за завршување на работите, 31.12.2023 година, не може реално да се завршат работите од страна на изведувачот, а земајќи го во обѕир и фактот за висок степен на физички извршените работи, финансиската реализација на проектот, степенот на решени отворени прашања и обезбедените финансиски средства со дополнителниот заем, ви предлагаме да се пристапи кон пријателско порамнување, односно продолжување со работите со прифатлив краен рок за двете страни земајќи ги предвид предложениот краен рок за завршување на работите од страна на изведувачот и потребното време за решавање на отворените прашања од страна на инвеститорот, без отштетни побарувања од страна на изведувачот и без пресметување отштета поради доцнење на градежните работи од страна на  инвеститорот, изјавија од ова јавното претпријатие за „Макфакс“.

Оттаму не ги открија другите наоди на експертот од ФИДИК, но нагласи дека Владата на 214. седница ги овласти Кабинетот на заменик-претседателот за економски прашања на Владата, Министерството за транспорт и врски и Јавното претпријатие за државни патишта да почнат преговори за склучување анекс за продолжување на рокот за завршување на патот. Од Јавното претпријатие не можеа да откријат колкав рок овој пат ќе ѝ дадат на кинеската компанија за завршување на автопатот.

Автопатот Кичево – Охрид, долг 57 километри, почна да се гради во 2014 година, а првично требаше да биде завршен до 2018 година. Кога стана извесно дека нема да се изгради во предвидениот рок, изградбата беше пролонгирана до 30 јуни 2021 година, а потоа до 31 декември 2023 година.

 

Претходна вестДипломатски синдикат: Османи за конзул во Њујорк го испраќа штотуку вработениот во МНР, Мухаби Синани, кој не исполнува услови
Следна вестПрилепчанец пронајден починат во паркот спроти плоштадот