Помошникот државен секретар на САД за Европа и Евроазија Габриел Ескобар изјави дека основната причина за неговата посета на Приштина е да нагласи дека нема алтернатива за дијалогот со Србија, кој се одвива под покровителство на Европската унија и оти треба да се разговара за начините за изнаоѓање решение за некоординираната одлука на Приштина за укинување на динарите.
Ескобар, кој во моментов престојува во Брисел, утре ќе ја посети Приштина. Тој на онлајн прес-конференцијата истакна дека САД не го оспоруваат легитимитетот, туку спроведувањето на одлуката на Централната банка на Косово за укинување на динарот.
Што се однесува до дијалогот, додаде тој, моментот е критичен и апелира до страните да ги почитуваат договорите, да ги спроведуваат и да покажат добра волја и да избегнуваат еднострани провокации кои би создале дополнителни тензии.
Ескобар рече дека имал средби со соговорници во ЕУ и НАТО, а пред се со специјалниот пратеник за дијалогот, Мирослав Лајчак.
Кога станува збор за спроведувањето на Регулативата на Централната банка на Косово и тешкотиите со кои се соочуваат граѓаните кои живеат од социјални бенефиции од Србија, Ескобар ја повика владата на Косово сериозно да ја сфати загриженоста на меѓународната заедница.
Ескобар ги наведе причините поради кои меѓународната заедница ја оспорува имплементацијата, а не легитимноста на одлуката, тоа е дека Косово сака да го воведе еврото како платежно средство за помалку од три недели, додека на Франција и требаше речиси една година, дека нема алтернатива за луѓето да добиваат приходи од кои зависат и се оставени да „погодуваат“ што ќе се случи.
Тој напомена и дека две недели пред објавувањето на Регулативата на Централната банка, Косово, заедно со другите земји од Западен Балкан и Европската Унија, на самитот во Скопје договориле механизам за електронско плаќање до крајот на годината, кој ќе биде решение за актуелниот проблем, а немало кампања во соработка со меѓународната заедница за изнаоѓање решение со нивна поддршка.
– Потребно ни е Косово да работи со меѓународната заедница за да најде решение за оваа катастрофална одлука која донесе хаос во економијата, рече Ескобар, пренесе „Н1“.
Ескобар рече дека се согласува со американскиот амбасадор Џефри Ховениер, кој посочува дека на САД им е тешко да ги застапуваат интересите на Приштина во ЕУ и НАТО, бидејќи таму има пет земји кои не ја признаваат независноста на Косово.
– Тие би сакале да видат напредок во сите прашања што се покренати во дијалогот, но со игнорирањето на дијалогот, Косово ги игнорира европските партнери и ни оневозможува да ги убедиме. Сакаме Србија и Косово да бидат продуктивни членки на евроатлантските структури, да имаат мирни и предвидливи односи, а патот за тоа е дијалогот под покровителство на ЕУ, рече Ескобар.
Ескобар нагласи дека формирањето на Заедницата на српските општини (ЗСО) останува приоритет за Косово, посочувајќи дека во случајот на ЗСО нема да има проблем со динарите.
Заедницата на српските општини нема да биде новата Република Српска, нема да биде држава во држава, а во статутот нема ништо што го предвидува тоа или би направило проблем за функционирањето на Косово. Прашањето за динарите би се решило доколку има ЗСО, бидејќи тоа би било начин за транспарентен трансфер на пари од Србија на оние кои имаат право според косовските закони, нагласи тој.
Ескобар рече дека би сакал и Србија да применува чекори кои се правно обврзувачки и неповратни.
Охридскиот договор ја гарантира ЕУ, а последиците од неговото неспроведување се побавната интеграција на Србија и Косово во Унијата, истакна тој.
Запрашан за слабеењето на партнерството меѓу САД и Косово, Ескобар рече дека партнерството е меѓу народите, не оди преку една личност или партија, но во моментов има проблем во комуникацијата со премиерот.
– Тоа не е проблем на САД, туку на Косово, а тоа се проблеми во комуникацијата со ЕУ, НАТО и другите партнери, додаде Ескобар.
Запрашан за влијанието на Русија, Ескобар рече дека она што се случува на Балканот „отвара простор за руско злобно влијание“.
– Проблемите што постојат во регионот траат долго, но со нивно решавање верувам дека ќе ја затвориме можноста Русија да ја искористи нестабилноста на Балканот, заклучи Ескобар.