Имало зошто масовно трчаат по партиите да станат скопски советници

Многу луѓе се пикаат по партиите само за да ги стават кандидати за општински советници.  Имало и зошто е така.

Имено, цели 214.00 евра годишно чинеле паушалите кои во 2019 година им биле исплатени на 45-те советници кои што биле избрани во Советот на Град Скопје на последните локални избори. Истражувањето кое го направил Центарот за граѓански комуникации покажало и како се дошло до оваа сума: месечните паушали им се определени во висина на просечната плата исплатена во државата во претходната година, по што излезе дека тие месечно земале по 24.276 денари. А за да им се исплати таков месечен паушал доволно било во текот на месецот да одржат и само една седница. Во 2019 година скопските советници одржале 27 седници што значи дека за секоја седница, во просек, им било платено по 10.789 денари…

Ова, според износите до кои се дошло во истражувањето, биле меѓу најголемите суми кои им се плаќале на општинските и на градските советници во Македонија кои имаат и други професии и примања.

Многу пари. Особено ако се направи споредбата со трудот кој го прават останати граѓани кои треба да си ја заработат просечната плата во земјава. Една одржана седница не може да биде критериум и доволност некој советник да добие цела месечна плата на еден работник.

Очигледно, потребни се големи промени кога е во прашање регулирањето на ангажманот на скопските, но и на другите општински советници. Дали на Градот Скопје навистина му се потребни 45 советници во Градскиот совет? Зарем истата работна не би можеле да завршат и помалку советници, за, на пример, 20 проценти помалку, со што нивниот број би изнесувал околу 35. Или, едноставно да се намали износот на месечниот надомест кој го примаат па тој да биде една третина, една половина од месечната плата на вработените.

Власта треба брзо да ги смени регулативите и по новите локални избори да се престане со овој тип на јавашлук. Ете Заев има многу советници, нека го советуваат дека бројот на советниците по општините е преголем. Или советник на советник не му прави лошо?

 

Претходна вестГраѓаните до Бочварски: Тебе ти креваат рампа на патарина и шоферот што те вози лета ко на формула…
Следна вестВозило тешко повредило жена пешак, возачот побегнал