Граѓаните до Бочварски: Тебе ти креваат рампа на патарина и шоферот што те вози лета ко на формула…

Вчерашната порака на министерот за транспорт и врски Благој Бочварски дека на оние на кои им е скапа патарината на автопатот од Скопје кон Штип може да одат по регионални патишта, предизвика бран на реакции кај граѓаните. Револт, осуда, незадоволство, возраќање, укажувања дека зборува и невистини и дека е арогантен… се содржани во коментарите на граѓаните по социјалните мрежи.

Пренесуваме само неколку реакции и тоа на повоздржаните скопјани кои ги оставија на Фејсбук-страницата на „Скопско ехо“.

-Која демагогија од лик си човече! Тебе ти креваат рампа на патарина и шоферот што те вози лета ко на формула, напиша во коментарот читателот.

Другите, пак, укажуваат дека цената на патарината од 160 денари само во еден правец е прескапа за просечниот македонски граѓанин.

-Лесно е со незаработените пари да плаќаш!! Тешко е со заработените, порача граѓанинот.

Во рекациите се укажува и на тоа дека граѓаните при регистрација на возилата плаќаат голем износ како надомест за јавни патишта и дека не би требало да се плаќа за авто-патиштата.

-За јавни патишта при регистрација на возило плаќаме по 2.200. Главната улица во Ѓорче 2 кај што поминува автобус „5“ -ка е целата со вдлабнатини и дупки. Не ми е јасно за што плаќаме јавни патишта. За патарините чиста кражба, што друго да се каже, напиша во коментарот Дејан.

На министерот Бочварски му се укажа и дека зборува невистина кога вчера изјави дека во околните и во европските земји цената на патарините е многу повиска.

-Во Германија имаат авто патишта, денар не даваат… Дали сте виделе некаде во Германија патарина… укажаа граѓаните потпишани како Сали и Елвира.

Граѓаните кои наскоро ќе бидат ставени во ситуација да мораат да користат локални патишта бидејќи ќе немаат пари да платат патарина, го кажуваат своето и денеска.

-Изјавата на Бочварски наликува на познатата изјава на француската кралица Марија Антоанета „Ако народот нема леб, нека јадат колачи“, е една од реакциите.

Засега е неизвесно дали министерот Бочварски и Владата ќе го слушнат мислењето на граѓаните или ќе се однесуваат како кралицата…

Претходна вестНе може да ни биде за пример „паркот со скулптури“ во Унгарија
Следна вестИмало зошто масовно трчаат по партиите да станат скопски советници