ЕУ најмногу ја пофали Владата за послушноста околу надворешната политика

Македонските политичари деновиве со нетрпение го чекаа Извештајот на Европската комисија за напредокот на Македонија кон ЕУ. Се чекаше што ли Брисел ќе каже, оти тоа им е многу важно, ако не и најважно…

И еве, стаса Извештајот. Еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји (кој често доаѓа во Скопје за да ни даде нови лекции и задачи) при вчерашното објавување на документот даде генерална оценка дека Македонија има „издржан реформски напоредок кон ЕУ“ при што подетално се задржа и за состојбите во одредени области.

За што сме пофалени? Се чини дека најдобрите оценки Вархеји ги даде кога е во прашање усогласеноста на надворешната политика на Македонија со онаа на ЕУ.

Во текстот на извештајот стои дека е постигнат одреден напредок, со зголемена усогласеност со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ и со учество во мисии и операции на ЕУ за управување со кризи.

-Во однос на заедничката надворешна и безбедносна политика (ЗНБП), стапката на усогласеност на земјата со соодветните изјави на Високиот претставник на ЕУ и одлуките на Советот беше 96 отсто заклучно со август 2021 година (во споредба со 92 отсто во 2019 година и 94 проценти во 2020 година). Ова покажува позитивен тренд, што ја одразува стратешката ориентација на земјата, пишува во Извештајот на Европската комисија.

Значи, Владата е пофалена оти била послушна и делувала според надворешната политика на ЕУ. Но има ли друго што е за пофалба, нешто што носи конкретни добра за граѓаните во Македонија?

Независните експерти во Македонија оценуваат дека ова поглавје е речиси единствено каде има видливо подобрување.

-Единственото поглавје во кое имаме зголемено ниво на подготвеност за преземање на обврските за членство е во поглавјето за заедничката надворешна безбедносна политика. И покрај напредокот, очигледно е дека има многу области во кои препораките се повторуваат и тие стагнираат, оцени вчера Симонида Кацарска од Институтот за европска политика.

Па така, слабата алка во политичкиот дел е лоцирана во функционирањето на Собранието за кое во Извештајот се наведува дека е поларизирано што довело до одложување на носење на многу закони.

Истовремено, посебно се потенцира борбата против корупцијата и реформите на јавната администрација.

-Многу работа треба да се направи во подобрување на ефикасноста на спроведување на законот во борбата против одредени форми на криминал, како перење пари и финансиски криминал, оценува ЕК.

Дали луѓето од власта деновиве ќе се фалат дека добиле позитивен Извештај, останува на нивната проценка. Останува и граѓаните да проценуваат каков е всушност Извештајот, но и пред се каква е реалната ситуација во Македонија.

Претходна вестВработените од „Колска” на протест пред Владата, бараат одговор дали фабриката ќе опстане или не
Следна вестШверцот на мигранти не стивнува: Кај Валандово во две „шкоди“ откриени 26 Сиријци