ЕУ пак ни кажа дека многу не’ сака, ќе стигнел и датумот

Европската унија вчера пак на Македонија и испрати пораки полни со надежи и ветувања. Ќе дошол и датумот, наскоро. Имено, во најновиот извештај на Европската комисија за проширувањето се наведува дека нашата земја и натаму продолжува да ги исполнува условите за почеток на пристапните преговори, дека задржала постојан и одлучен тек во напредувањето на ЕУ реформите и ги зголемила своите напори за испорачување на опипливи резултати…

Супер, ако тие велат дека е така.

Воедно, еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји, пак, повторно, призна дека одложувањето на почетокот на пристапните преговори со Македонија негативно се одразува врз кредибилитетот на ЕУ, односно, дека решавањето на постојните билатерални проблеми меѓу Македонија и Бугарија се приоритет и дека е клучно до крајот на годината да се најде решение…

Значи, има уште дадени задачи што Македонија треба да ги сработи, да попушти, да удоволи…

Сето ова се пораки кои многу наликуваат на оние кои пред петнаесетина дена се слушнаа на самитот меѓу ЕУ и земјите од Западен Балкан што се одржа во Словенија. И таму Македонија, како и останатите земји од регионот, добија слични пораки. И таму се слушна дека ЕУ е „подготвена за прием“, дека „многу не’ сака“ и други изрази на поддршка. Но, на крајот, самитот заврши без конкретно ветување за датумот на годината во која би можел да се случи приемот на Македонија и останатите пет земји од регионот. Практично, како што тоа потоа коментираа дел од европските медиуми, ЕУ призна дека целиот процес на проширување е заглавен.

Така, и по вчерашнот Извештај на ЕК прашање е што конкретно доби Македонија? Доби, очигледно, само нови поздрави, но не и гаранција дека ќе почнат пристапните преговори. Едноставно, пак се повтори ситуацијата во која ЕУ покажува дека е „несреќна“ кога е во прашање бугарското вето.

Инаку, еврокомесарот Вархеји рече дека бугарскиот европратеник Андреј Ковaчев му е таен помошник и ќе продолжи да работи со него во обид да се надмине блокадата на Македонија. А токму тој европратеник бара Македонија да биде издвоена од Албанија во преговорите и Тирана да има предност…

Претходна вестИсторијата на независна Македонија е хронологија на страотни зулуми сторени од наши луѓе
Следна вестСе редат критики до Заев од негови сопартијци и поранешни видни функционери