Се редат критики до Заев од негови сопартијци и поранешни видни функционери

Полека слегнуваат емоциите-реакциите во јавноста по првиот изборен круг во Македонија. Но дали е така во СДСМ? Владеачката партија на централно ниво имa лош резултат на локалните избори и се почесто нејзини членови изразуваат незадоволство од состојбата во партијата.

Историски дебакл, да се поднесе политичка одговорност, СДСМ е истрошена политичка сила… сето ова се пораки кои во изминативе два дена се упатени на адресата на лидерот на СДСМ Зоран Заев од страна на негови сопартијци кои порано имале високи функции и во партијата и во државата. Поранешна партиска потпретседателка и пратеничка Ана Павловска – Данева, поранешниот заменик-министер за образование Петар Атанасов и Софија Куновска, поранешна претседателка на партиската организација на СДСМ за Скопје реагираа со коментари и сметаат дека по ваквиот пораз мора да се извлечат поуки и да се направат промени.

Така, Павловска – Данева во објавата на својот профил на социјалната мрежа Фејсбук напиша дека треба да се извлече следно наравоучение:

1. Нов бунар копај, во стариот не плукај!

2. Пркосот и критиката не се казнуваат, се анализираат причините за нивна појава!

3. Не смее да постои начин, причина или аргумент за менување на националната историја на еден народ!

4. Политичка одговорност кога постои мора да се прифати, таа не се сокрива и игнорира!

5. Реформи не се спроведуваат насилно и ад хоц!

6. Се почитува туѓото мислење и кога е различно од сопственото!

7. Лошата реалност е подобра од лажните ветувања!.., се вели во објавата на Павловска Данева.

Софија Куновска, пак, го споредува неделниот пораз на партијата, со оној на изборите во 2008 година, кога на чело на социјалдемократите беше Радмила Шекеринска.

– Историскиот дебакл на СДСМ се вика Радмила Шекеринска со 233 000 гласови на изборите во 2008. На овие избори титулата Историски дебакл се бори да ја добие Зоран Заев со, засега, 230 000 гласови, споредува таа.

Поранешниот заменик-министер во владата Петар Атанасов на локалните избори застана зад кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски кој дојде во судир со СДСМ. Во својот истап како поддршка на Димитриевски тој рече дека владеачката партија е потрошена политика сила.

-Вашата борба е симбол за отпор против уште една истрошена политичка сила. Симболот на борба против партиски послушници, кој Максим го прогласија за партиски непослушник, рече Атанасов.

Се огласи и поранешниот пратеник на СДСМ и универзитетски професор Атанас Вангелов:

-Филозофијата на Димитров е: првин да си го суредиме државичево. Филозофијата на Заев е: Европа и НАТО ќе ни го суредуваат државичето. Првата филозофија е логичка и достоинствана. Втората, онаа на Заев е филозофија на „виткање кичма“ дури и тогаш кога од тебе се бара тоа само онака колку да се проба ако се може, потенцира Вангелов.

Ќе има ли уште пораки од други членови на СДСМ ќе видиме наскоро. Сега поинтересен би бил одговорот на прашањето дали Заев ги слушна овие сопартијци. Од вчера почна да бара поширок фронт против ВМРО-ДПМНЕ, но неизвесно е дали при тоа мислеше на сите членови на СДСМ или само на оние кои стојат на митинзите позади него и му ракоплескаат.

Претходна вестЕУ пак ни кажа дека многу не’ сака, ќе стигнел и датумот
Следна вестБардовчани до министерот Спасовски: Дали поважно е колкумина ќе седат во кафана од проблемот со Прифатниот центар?