Еурофарм Пелистер го пречекува Кил со желба за да се бори до крај

Македонскиот шампион Еурофарм Пелистер вечерва во Битола пред домашната публика ќе го пречека германскиот шампион Кил во рамки од третото коло од Лигата на шампионите.

Пелистерци во претходните две кола, против Колстад и Алборг, беа убедливо поразени, па во дуелот со бундеслигашот ќе се обидат да го поправат впечатокот и на своите навивачи да им понудат квалитетен и неизвесен натпревар. Дуелот се одигра вечерва со почеток од 18:45 часот во спортската сала „Боро Чурлевски“.

Избраниците на Александар Јовиќ имаа непосакуван старт во европската елита, беа убедливо поразени на дуелите со Колстад и Алборг, па против бундеслигашот ќе се обидат да го поправат впечатокот и да одиграат во рамки на своите можности.

Српскиот интернационалец Урош Борзаш пред натпреварот го анализираше противникот, а изјави и дека битолчани не треба да влегуваат во мечот со преголема доза на почит, напротив да се борат максимално пожртвувано на теренот.

-Кил е секогаш Кил, но не треба да влеземе во натпреварот со преголемо почитување. Тие се светска екипа и освојуваа многу титули и треба да се бориме до крај и да се обидеме да извлечеме добар резултат, ако тоа е возможно. Пред домашната публика, која е меѓу најдобрите во светот, можеме да парираме и да се бориме до крајот, изјави Борзаш.

Сличен е и погледот на Цветан Кузмановски кој верува дека со поука од грешките на гостувањето кај Алборг и максимална пожртвуваност битолчани можат да се радуваат на победа.

-Сите знаеме каква екипа е Кил. Гледавме видео материјали, се обидовме да ги анализираме, а имаме и уште два тренинзи за да се подготвиме. Се надеваме на добра и борбена игра, без голем респект кон нив, иако имаат ракометари од светски рамки. Верувам дека ќе дадеме максимум и тоа ќе ни донесе добар резултат, рече тој.

Кил во Битола ќе атакува на трета победа во низа, бидејќи минатата недела славеше над ПИК Сегед, додека во првото коло покажа целосна доминација против Загреб.

Во групата А, во која се наоѓа и Еурофарм Пелистер, денес играат уште Келце со ПСЖ и ПИК Сегед со Алборг.

 

Претходна вестКомерцијална банка разгледува можност за присоединување на Стопанска банка Битола
Следна вестПродажбата на кинески автомобили во Европа бележи драстичен раст, нудат повеќе од конкуренцијата