Евроамбасадорот во земјава Дејвид Гир денеска го отфрли пристапот да се прават споредби на ситуацијата меѓу Русија и Украина, со онаа на Македонија и Бугарија.
На новинарско прашање, дали условите на Владимир Путин кон Украина се слични на оние што Бугарија ги поставува кон Македонија во историскиот контекст на дефинирање на нациите, Гир на заедничката прес-конференција со францускиот амбасадор Сирил Бомгартнер рече дека ЕУ целосно ја отфрлува оваа споредба помеѓу двете ситуации, за кои, како што рече, се две крајно различни ситуации.
– Самите дејствија на Русија се широко осудени во ГС на ОН и тоа се две различни ситуации. Целосно отфрлувам правење паралела меѓу односите на Русија и Украина, со оние меѓу Бугарија и (Северна) Македонија. Во Украина како што веќе кажав, гледаме градови што се бомбардираат од страна на руската армија, имаме напади врз суверена држава чија територија е ставена под прашалник, рече Гир.
Евроамбасадорот истакна дека во билатералните односи меѓу Скопје и Софија има неколку области на спор, но, како што рече, Бугарија беше првата земја која што ја призна независноста на Македонија и продолжи да дава поддршка и на нејзиниот интегритет и суверенитет.