Европска комисија: Половина од медот увезен во ЕУ е лажен

Последната анализа на Европската комисија покажала дека речиси половина од медот што се увезува во ЕУ е лажен, односно дека содржи голема количина сируп. Според извештаите, Европската Унија не произведува доволно мед за да го задоволи сопствениот пазар и увезува околу 40% од трети земји, што доведе до тоа европските производители да се борат со зголемување на увозот по ниски цени, особено од Кина.

Анализата покажала дека 46% од 320 примероци увезен мед, земени по случаен избор во периодот од ноември 2021 до февруари 2022 година и анализирани, се „веројатно фалсификувани“, пренесува „Евроактив“.

Медот природно содржи шеќери и според правилата на ЕУ за ова прашање, тој мора да остане чист, што значи дека не може да се додаваат никакви состојки во него.

Фалсификување настанува кога состојки како што се вода или евтини шеќерни сирупи вештачки се додаваат за да се зголеми волуменот на медот.

Иако ризикот по здравјето на луѓето се смета за низок, ваквите практики на измама на потрошувачите ги загрозуваат производителите на ЕУ, кои се соочуваат со нелојална конкуренција од производи кои содржат нелегални, евтини состојки.

Најголем број сомнителни пратки потекнуваат од Кина (74%), но медот со потекло од Турција има најголем релативен удел на сомнителни примероци (93%).

Претходна вестКомерцијална банка прогласена за Најдобра банка во Македонија за 2023 од магазинот Global Finance
Следна вестАрсовска упорна, повторно ќе бара поддршка од Советот за набавка на еко-автобуси