Арсовска упорна, повторно ќе бара поддршка од Советот за набавка на еко-автобуси

Предлогот за долгорочно задолжување на Град Скопје кај домашна банка за купување нови автобуси повторно ќе се најде на дневен ред на седницата на Советот. Зад предлогот кој ќе се најде на седницата закажана за 30 април стои градоначалничката Данела Арсовска. Се работи за одобрување на кредит кај домашна банка во висина од 620 милиони денари, односно околу 10 милиони евра за набавка на нови еко-автобуси, а Град Скопје би го отплаќал со пари од градскиот Буџет.

-Со цел дополнително да се поттикне визијата за модерно Скопје, овозможувајки лесно достапен и современ јавен превоз, притоа водејки грижа за квалитетот на живеење и животната средина, наша обврска и приоритет во работењето е да инвестираме во еко автобуси со цел поефикасно извршување на јавниот превоз, се вели во образложението на предложената одлука.

Советот на Град Скопје првиот пат не го прифати предлогот на Арсовска за купување нови еколошки автобуси бидејќи не беше наведено колку автобуси би можеле да се купат со тој кредит, ниту од кој производител. По ова, Арсовска изјави дека нема да се откаже од набавката еко-автобуси и дека ова ќе биде точка на дневен ред на Советот сѐ додека советници не ја изгласаат.

Претходна вестЕвропска комисија: Половина од медот увезен во ЕУ е лажен
Следна вестГруби се пофали со албанскиот јазик на полициските униформи: Уште една успешно завршена мисија