Груби се пофали со албанскиот јазик на полициските униформи: Уште една успешно завршена мисија

Првиот вицепремиер Артан Груби и Владата денес ги промовираа новите тријазични полициски униформи и автомобили кои покрај македонски и англиски испишани се и на албански јазик. Груби на Фејсбук се пофали со новите униформи на полицијата.

– Уште една успешно завршена мисија, како што ветивме. Веќе се спроведуваат во пракса измените на Уредбата за употреба на албанскиот јазик во полициските униформи и нивните симболи кои ги усвоивме претходно на владина седница, објави Груби на својот фејсбук профил.

Со ова стапува во сила Уредбата за униформата и ознаките на униформата на полицијата која Владата ја донесе пред една година врз основа на Законот за употреба на јазиците, во главниот град Скопје и во другите општини каде што живеат најмалку 20 отсто граѓани од заедниците.

Во Градот Скопје, во општините во Градот Скопје и во општините во кои најмалку 20 отсто од граѓаните зборуваат службен јазик различен од македонскиот јазик, ознаките на основната униформа ќе бидат тријазични.

Се уште е нејасно како ќе се применува оваа уредба и дали тријазичните униформи ќе бидат применети само во оние општини каде што етничките заедници се над 20 проценти или на ниво на цела држава.

Претходна вестАрсовска упорна, повторно ќе бара поддршка од Советот за набавка на еко-автобуси
Следна вестМОН и средношколците се договорија: Државната матура ќе се полага олеснето