Експерти од Европската агенција за лекови (ЕМА) престојуваат во Москва за да ја проценат вакцината „Спутник V“ против Ковид-19, објавија денеска руските медиуми. Во веста се наведува дека претставниците на ЕМА ќе ги посетат и производствените капацитети.
Новинската агенција Интерфакс објави дека претставниците на европското регулаторно тело, кое иницираше анализа на руската вакцина на почетокот на март, посетиле две клиники каде што се спроведуваат третите клучни фази од клиничките испитувања на оваа вакцина и разговараа со медицинскиот персонал.
-Можеме да кажеме дека е во тек конструктивен дијалог, изјави извор на Интерфакс за посетата на експертите на ЕМА, која е дел од постапката за анализа и проценка на ефикасноста на вакцината „Спутник V“.
Европската агенција ЕМА сè уште не даде одобрение за „Спутник V“, иако Унгарија, како членка на ЕУ, ја одобри руската вакцина на национално ниво по кратка постапка, а во меѓувреме неколку земји од ЕУ покажаа интерес за договор со Русија за набавка на вакцината.
Од друга страна, Индија ја одобри руската вакцина „Спутник V“.
-Среќни сме што добивме одобрение за употреба на „Спутник V“ во Индија“, рече Г. В. Прасад, извршен директор на „Д-р Редис лабораторис“, во изјавата пренесена од француската агенција Франс прес.
„Спутник V“ обезбедува околу 92 отсто заштита од ковид-19, покажаа најновите резултати од тестовите објавени во Лансет.