Езерската полиција доби нови чамци, сега уште езерата да добијат вода и…

Од денеска езерските граници на Македонија ќе се чуваат уште подобро откако МВР во Охрид промовира пет нови пловни објекти за граничните служби. Две пловила се набавени со средства од буџетот на Министерството, а три се донација од Чешка. Според министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, ваква набавка е направена за првпат по 20 години.

-Оваа набавка е во насока на нашата посветеност комплетно да ја опремиме македонската полиција, да обезбедиме максимални услови за работа на службениците. Два пловни објекта со цврсто корито се набавени од сопствени средства од буџетот на МВР со вредност од 8.055.511 денари, а согласно склучениот Договор за донација помеѓу МВР и Министерство за внатрешни работи на Република Чешка набавени се два пловни објекти со цврсто корито и еден гумен патролен чамец со вредност од 8.144.074 денари. Ова ќе овозможи висока ефикасност на припадниците на граничната полиција во секакви временски услови, како во делот на граничниот надзор и спречување на секаков вид прекуграничен криминал во Охридското и Преспанското езеро, рече Спасовски.

Пловните објекти се опремени со професионални уреди за навигација, радар и затворена кабина за екипажот, а патролниот чамец е погоден за брзи интервенции во разни инцидентни ситуации и контроли на водениот сообраќај, особено во летниот период во сите три езера.

Секако, набавка за поздравување. Но останува прашањето што е со нивото на водата во двете најголеми македонски езера? Во Преспанското водата дојде на незапаметен минимум, дури 530 сантиметри пониско од нултата кота, а кај Охридското состојбата е нешто подобра но и таму нивото е под дозволениот минимум. Државните органи дури сега почнаа да се занимаваат со овој сериозен проблем, но работите на терен тешко тргнуваат. Се уште се збори за акциски планови, за меѓудржавна соработка, изработка на судии за можни дотури на нова вода, за фази во кои би се спроведувале проектите… 

Вака ако тераат уште малку, МВР чамците ќе треба да ги продаде и џипови да купи за патролирање таму каде некогаш имало езера.
Претходна вестВо скопските ковид-центри примени 27 нови пациенти, оздравеле 35 лица
Следна вестБоки 13 поднесе нови кривични пријави против функционери, судии, медицински лица…