Моќните фараони од стариот свет се уште изненадуваат со своите градби. Имено, египетско-американски тим археолози го откри горниот дел од џиновска статуа на фараонот Рамзес Втори за време на ископувањата јужно од градот Миња во Египет. Ова го соопшти тамошното Министерство за туризам и антиквитети.
– Блокот од варовник е висок околу 3,8 метри и го прикажува Рамзес седнат со двојна круна на главата и наметка со владетелска кобра, појасни раководителот на египетскиот дел од тимот Басем Џихад.
Статуата, споена со нејзиниот одделен долен дел ископан пред неколку децении, би достигнала околу 7 метри. На горниот дел од задниот столб на статуата има хиероглифски натписи што го воспеваат еден од најмоќните владетели на Древен Египет познат и како Рамзес Велики. Тој бил третиот фараон од 19-та египетска династија и на престолот бил од 1.279 година п.н.е. до 1.213 година п.н.е.
– Истражувањата потврдија дека горниот дел од статуата се совпаѓа со претходно откриениот долен дел забележан од германскиот археолог Гинтер Родер во 1930 година, изјави управителот на египетскиот Врховен совет за антиквитети Мустафа Вазири.