Филипче го разреши Арбен Зибери, го нарушил угледот на Комисијата за заразни аболувања

Разрешен е в.д. директорот на Центарот за јавно здравје Скопје, д-р Арбен Зибери, соопшти денеска Министерството за здравство. Во образложението на смената се наведува дека тој го нарушил угледот на Комисијата за заразни заболувања.

-Зибери е разрешен поради пласирање неточни изјави во јавноста, со што директно наштети на угледот на членовите на Комисијата за заразни болести доведувајќи го во прашање кредибилитетот на здравствените институции во борбата со коронавирусот, се вели во соопштението на Министерството за здравство.

За нов в.д. директор на Центарот е назначен д-р Александар Стојанов.

До смената дојде по вчерашната конфронтација на министерот за здравство Венко Филипче и на Зибери околу изјавата на доскорешниот директот за неговата улога во донесувањето на одлуката за отворање на граничните премини. Зибери на социјални мрежи напиша дека тој како член на Комисијата за заразни болести помогнал да се отворат границите без протоколи за да дојдат иселениците да гласаат за премиер Албанец што го предлага неговата партија ДУИ.

На ова реагираше Филипче:

-Тоа што сте во изборна кампања не ви дава за право да изнесувате невистини и да ја поткопувате работата и одлуките на Комисијата за заразни болести. Нема да дозволам политичко поентирање на сметка на епидемија, соопшти денеска министерот.

Претходна вестПриведени пет лица, со марихуана шетале по Градскиот парк, на Водно, во Аеродром…
Следна вестФилипче: нема потреба од рестрикции на движењето, есенските месеци носат ризик