Изминатите пет-шест дена факторот на пренос на корона вирусот е под 1 и се надевам дека така ќе остане и во следните летни месеци врз основа на тоа ќе видиме намалување на бројот на пациенти, изјави на денешната конференција за печат Венко Филипче, министер за здравство.
Тој додаде дека ризични можат да бидат есенските месеци кои доаѓаат подоцна.
-Во тие месеци времето нема да биде убаво, луѓето ќе бидат повеќе на затворено, ќе почнат да работат и школите. Тоа се сериозни ризик фактори, заедно со останатиот број на пациенти заради друга патологија кои очекувано би ги пополниле истите капацитети кои се сега пополнети, може да претставуваат навистина сериозен предизвик за нашиот здравствен систем, многу поголем и од првиот и од вториот бран, не само кај нас туку секаде, рече министерот.
Според него, дополнителна мерка во справувањето со пандемијата со ковид-19 би била рестрикцијата во движењето.
-Тоа е единственото нешто што дополнително би можело да се воведе, но засега нема никаква препорака за враќање оваа рестрикција. Верувам дека граѓаните ќе ја сфатат сериозноста на проблемот и ќе се придржуваат до заштитните мерки, нагласи тој.