Јас ќе примам кинеска вакцина а граѓаните не треба да бираат со која вакцина ќе се вакцинираат оти сите се ист квалитет, изјави вчера министерот за здравство Венко Филипче.
Во земјава од вторник ќе започне масовна имунизација на населението со 200 илјади кинески вакцини на „Синофарм“, но и со вакцините „Фајзер“, „АстраЗенека“ и „Спутник“.
-Сметам дека е сооодветно како личен пример да примам вакцина која ја има на располагање во најголема количина. Воопшто немам лична преференца, а ги следам сите стручни анализи и публикации во однос на вакцините. Каква вакцина има во пунктот во тие часови кога е предвидено да се вакцинираат граѓаните тоа да го направат, без да бидат загрижени и да размислуваат дали има предност да се вакцинираат со една или со друга вакцина, рече Филипче.
Во наредниот период ќе стигнат уште 500 илјади вакцини на „Синовак“ и дополнителни 100 илјади кинески од „Синофарм“, како и уште 26 илјади од „Фајзер“, но не се знае кога и колкава количина ќе стигне од руските вакцини.
Граѓаните треба да се пријават на сајтот вакцинација.мк и оттука се генерираат приоритетите. Тие ќе добијат или СМС порака или меил или двете во форма на известување и согласно тоа ќе им биде закажано вакцинирање.