Се укинуваат двата контролни теста со кои се докажуваше дека пациент веќе нема Ковид-19 и беа услов за тој да излезе од изолација, соопшти денеска министерот за здравство Венко Филипче.
– Повеќе нема да бидат потребни контролни тестирања. На состанок на Комисијата за заразни болести усвоивме нов протокол за ослободување од изолација. Нема да бидат потребни повторени испитувања. МАНУ реализира повеќе од 10.000 тестирања и се покажа дека пациенти со коронавирус што немаат симптоми не ја пренесуваат болеста по 10 дена, а кај оние со симптоми по 20 дена нема опасност од пренесување. Кај нив може да се детектира дел од генот на вирусот но тој не е заразен – рече Филипче.
Матичните лекари ќе ја следат состојбата на пациентите зашто, меѓу другото, ги добиваат и резултатите од тестовите.