Филипче: Вакцините ќе пристигнат во март, не излегувајте од дома без потреба по 18 часот

Вакцините за заштита од вирусот се очекува во Македонија да пристигнат во месец март, како и во другите земји, изјави денеска министерот за здравство Венко Филипче.

-Подготовката за прием, дистрибуција и вакцинација се одвива со одлична динамика. Ние направивме посети на економските оператори кои прифатија да бидат дел од нашиот систем и тие имаат солидни услови. Единствено што недостасува се фрижидерите за температура до -70 степени Целзиусови. Активни сме на три полиња за набавка на вакцини. Прво, преку Ковакс системот и набавивме 800.000 вакцини за 400.000 граѓани, а и УНИЦЕФ се вклучува во помошта за транспорт на вакцините до нашата земја. Во петокот разговаравме со грчкиот министер за за здравство и нашата земја ќе може да смета за набавка на вакцини од Грција. Третиот механизам е преку Канцеларијата на европската делегација. Вакцините ќе бидат бесплатни, а приоритет ќе имаат здравствените работници, хронично болните и повозрасните. Вакцините ќе пристигнат во март следната година, истакна Филипче.

Тој потенцира дека целокупната состојба околу пандемијата иако е стабилна и натаму е многу критична и во таа смисла Комисијата предложила нови мерки, а Владата ги прифатила. Тое е скратувањето на работното време на угостителските објекти, забрана за организирање новогодишни прослави, како и собири за верските празници.

-Нема да има собири ниту во домовите, ниту во викендиците. Уште еден апел до граѓаните, а тоа е дека граѓаните да не излегуваат од дома без некоја голема потреба по 18 часот. Од денеска ја започнуваме кампањата „Празнувај одговорно“ со цел да ја подигнеме свеста кај граѓаните. Потребно е сите заедно да бидеме одговорни и да не дозволиме најубавите мигови да се претворат во лоши спомени, рече Филипче.

Претходна вестВМРО-ДПМНЕ: Пендаровски нема кредибилитет, бараме средба со лидерите на партиите
Следна вестЧетири лица дошле да наплатат долг од двајца скопјани, завршиле во болница