Финансиска полиција: Фирма платила 3,5 милиони евра за стари акумулатори без да ги добие

Кривична пријава против три физички и едно правно лице, затоа што извлекле 3,5 милиони евра од друга фирма без да и испорачаат стари акумулатори, денеска поднела Управата за финансиска полиција до Основното јавно обвинителство Штип.

Постои основано сомнение за сторени кривични дела „измама” и „фалсификување исправа” за сторена штета во вкупен износ од 214.411.861 денари.

Во соопштението се наведува дека првопријавеното физичко лице во својство на вработено и третопријавеното физичко лице во својство на сопственик и управител на четвртопријавеното правно лице, заедно со второпријавеното физичко лице вработено кај оштетеното правно лице, ја довело во заблуда оштетената фирма неосновано да исплати значителен износ на парични средства по основ на откуп на стари акумулатори.

– Првопријавеното и третопријавеното лице во свое име и за сметка на пријавеното правно лице изготвувале и употребувале лажни формулари за отпад на стари акумулатори, кои второпријавеното физичко лице како вработено во оштетеното правно лице ги потпишувало и ги одобрувало лажните испратници и откупните белешки, иако истото знаело дека робата не била испорачана и примена, со што овозможило оштетеното правно лице неосновано да исплати вкупен износ од 214.411.861 денари, соопшти Управата за финансиска полиција.

 

Претходна вестВо ЗОО Скопје се роди бебе двогрба камила
Следна вестОсигурителните компании добија рок до крајот на денешниот ден да ги вратат старите цени на автомобилско осигурување