Фон дер Лајен дојде и си ојде, остана Маричиќ…

Помина долгонајавуваната посета на претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен. Многу позитивни работи се очекуваа од нејзиното доаѓање во Македонија. Се доби ли барем еден дел од тоа?

Високата гостинка од Брисел ширеше оптимизам. Порача дека „Македонија еден ден ќе стане членка на Европската унија“. Секако, и таа рече како и многуте други евробирократи кои доаѓаа во минатиов период во Скопје дека „уставните измени се неопходен чекор на патот кон ЕУ“.

-Со нетпрение очекувам да ве пречекаме во ЕУ. Морам да кажам дека е навистина неверојатно да се види напредокот, кој што Северна Македонија го постигна како и решителноста да се движи напред во вистинската насока. Тоа е импресивно. Затоа еден ден сигурна сум дека ќе ја пречекаме Северна Македонија со нејзиниот уникатен идентитет и сопствен јазик. Денеска веќе имаме 24 различни јазици во ЕУ, а еден ден ќе го вброиме и македонскиот јазик во нив, истакна фон дер Лајен.

Дали е ова се што се очекуваше од ЕУ-функционерката? Можеше ли и требаше ли да биде поконкретна? За кој тоа уникатен идентитет зборуваше? Зошто уште го нема датумот кога ќе ни го дадат датумот од кога ќе може да ја допреме кваката од влезната врата на ЕУ? Зошто споменуваше отворени прозорци, а не врати? Ќе дозволи ли Брисел нови уценувања за Македонија?

Во однос на најавите за 2030 година како можност за приклучување кон ЕУ, таа додаде дека овој процес се заснова на заслуги и никој не треба да чека одреден датум.

– Можете да бидете и побрзи. Колку побрзо одат реформите, толку побрзо ќе се движите напред, порача фон дер Лајен и додаде „уставните измени се неопходен чекор на патот на пристапување кон ЕУ“.

И така, посетата заврши. Таа дојде и си ојде. Остана вицепремиерот Бојан Маричиќ упорно да објаснува и да прашува:

-Не може да има одговорност во оваа држава за се освен за оние што блокираат. Крајно време е да се отвори темата зошто ВМРО-ДПМНЕ и Левица ја блокираат оваа држава на патот кон ЕУ, истакна вицепремиерот на Телевизија Телма.

Кога, пак, ќе се отвори темата, зошто функционерите не го почитува ставот на големото мнозинство од граѓаните на Македонија кои се против прифаќање на вака спакувани нови уцени – затоа што ќе носат уште поголеми странски барања во иднина, ќе видиме во иднина, најдоцна на изборите.

 

Претходна вестНова провокација од Виктор Стојанов, нуди 300 евра на Македонци ако презимето го променат да завршува со „ов“ или „ев“
Следна вестТаен документ на израелското Mинистерство за разузнавање: Планирно е преместување на Палестинците од Газа во Египет