Привршува дводневната посета на претседателката на Европската комисија Урсула Фон дер Лајен. Таа се сретна со државниот врв на Македонија и испрати оптимизам околу нашето предолго чекање на ЕУ-проширувањето.
Високата гостинка од Брисел порача дека „уставните измени се неопходен чекор на патот кон ЕУ и дека Македонија еден ден ќе стане членка на Европската унија“. По средбата со македонскиот премиер Димитар Ковачевски, на прес-конференцијата таа рече слично како и многуте други евробирократи кои доаѓаа во минатиов период дека сите партии имаат одговорност за иднината на државата.
-Тука сум денеска да ви кажам вам и на граѓаните на Северна Македонија дека сте на добар пат да се приклучите на ЕУ. Со нетпрение очекувам да ве пречекаме таму. Морам да кажам дека е навистина неверојатно да се види напредокот, кој што Северна Македонија го постигна како и решителноста да се движи напред во вистинската насока. Тоа е импресивно. Затоа еден ден сигурна сум дека ќе ја пречекаме Северна Македонија со нејзиниот уникатен идентитет и сопствен јазик. Денеска веќе имаме 24 различни јазици во ЕУ, а еден ден ќе го вброиме и македонскиот јазик во нив, итакна Фон дер Лајен.
Во однос на најавите за 2030 година како можност за приклучување кон ЕУ, таа додаде дека овој процес се заснова на заслуги и никој не треба да чека одреден датум.
– Можете да бидете и побрзи. Колку побрзо одат реформите, толку побрзо ќе се движите напред, порача Фон дер Лајен.
Во одговор на прашањето зошто нема да се сретне со лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, со оглед на неговата изјава дека има очекувања од нејзината посета на државава, а тоа се безусловни преговори од страна на ЕУ, и дали е можно да добиеме безусловни преговори, а процесот на уставни измени да биде решаван во текот на преговорите, Фон дер Лајен повтори дека „уставните измени се неопходен чекор на патот на пристапување кон ЕУ“.
-Уставните измени се неопходен чекор на патот на пристапување кон ЕУ и неверојатно е навистина она што Северна Македонија досега го има постигнато и затоа навистина посакувам Северна Македонија да продолжи да се движи напред со решителност, со страст, со големи успеси на пристапниот пат. Каде и да сум обично се среќавам со шефот на државата и на Владата зависно од уставниот поредок. Ова е случај со моето патување во Западен Балкан, но тоа е случај со сите мои други посети и патувања кога посетувам земји членки постои правило дека се среќавам со шефот на државата или со премиерот на државата, одговори Фон де Лајен.
На прашањето што ако не се донесат уставните измени, таа кажа дека „Северна Македонија е суверена држава со сопствен избор“.
-Ние сакаме Северна Македонија да биде членка на ЕУ и се надевам токму поради тоа дека движењето напред ќе биде добро и ќе биде поддржано од широко мнозинство, истакна Фон дер Лајен.
Премиерот Ковачевски, пак, изрази надеж дека партиите коишто се против промената на Уставот ќе покажат дека се за европска иднина на државата. Според него, ние како држава имаме 50 проценти усогласеност на нашето законодавство со ЕУ и дека имаме институции кои се целосно усогласени со ЕУ.
Инаку, таа претходно имаше средба со шефот на државата Стево Пендаровски. На средбата како што беше соопштено биле разменети информации за натамошните фази во преговорите по завршување на скриниг процесот и за динамиката на спроведување на реформите.
-Претседателот Пендаровски се заблагодари за поддршката и посветеноста од ЕУ на политиката на проширување и интеграција на земјите од Западен Балкан. На средбата беа разменети мислења за стратешката важност од спроведување на измените на Уставот и натамошните импликации врз европската перспектива на земјава, соопшти Кабинетот на Пендаровски.