Основан е Академскиот сенат, како помошно советодавно тело на Левица, соопшти оваа опозициска партија. На инаугурацијата присуствуваше аудиториум составен не само од членовите на Партијата, кои ја носат титулата доктори на науки и универзитетски професори, туку и многу видни и почитувани академски граѓани и универзитетски кадар кои не се членови на Левица.
Свои говори околу целите и потребите од вакво тело и тоа како треба да изгледа Академскиот сенат, приближувајќи ја потребата за формирање на истиот имаа д-р Мери Георгиевска, м-р Реџеп Исмаил Хактан и претседателот на партијата Димитар Апасиев.
-Потребен е квалитетен внес и наплив на мисли за реалните предизвици на политичкото совремие, поткрепени со објективна, научна и ангажирана мисла – како и методолошко изнаоѓање и тивко пласирање на долгорочен „противотров“ за горчливите предрасуди на неспоивоста на разумот и политиката денес, рече Мери Георгиевска, раководителка со овој Академски сенат.
Академскиот сенат ќе нуди асистенција кон стратешките концепции на Партијата, во насока на долгорочните и краткорочните програмски цели, и нивна адаптација кон светските и домашните социо-политички трендови.