Форум во Скопје – „Кина и Западен Балкан: перспективи и изгледи во новата ера“

Центарот за глобални промени на Филозофскиот факултет од Скопје заедно со  Албанскиот институт за изучување на глобализацијата од Тирана денес организираа Форум – „Кина и Западен Балкан: перспективи и изгледи во новата ера”. Собирот го поздравија познатата универзитетска професорка Билјана Ванковска, д-р Марсела Мусабелиу, како и амбасадорот на НР Кина во Македонија, Џанг Ѕуо.

На Форумот учествуваат 20 научни работници од Македонија и соседна Албанија кои се осврнаа на главната тема низ призма на повеќе академски дисциплини.

Општ е заклучокот дека постојат бројни можности за меѓусебна соработка на Кина и Западен Балкан во рамки на иницијативата „Појас и пат“, но и во билатералните односи. Посебно внимание беше посветено на новата кинеска стратегија за заедничка иднина на човештвото презентирана и пред ООН.

Во својот говор кинескиот амбасадор во земјава, Џанг Ѕуо рече дека Кина е посветена да работи со сите страни за да создаде безбедносна заедница давајќи позитивен придонес во градењето на траен мир во светот и универзална безбедност.

-Денес, нашиот однос со земјите од Западен Балкан е стабилен, долготраен и плоден. Стоиме на нова историска почетна точка со сопствени извонредни карактеристики и широки развојни погледи. Кина продолжува со развојот на мир, водена од единство и соработка. Кина верува во еднаквост меѓу сите земји, големи и мали, и го почитува нивниот суверенитет и територијален интегритет додека се спротивставува на хегемонизмот и политиката на моќ, истакна Ѕуо.

Тој додаде дека Кина и земјите од Западен Балкан комуницираат и тесно се координираат под мултилатералните механизми како Механизмот за соработка меѓу Кина и земјите од Централна и Источна Европа, градат консензус и активно учествуваат во иницијативата „Појас и пат“.

На денешната дискусија на тема „Кина и Западниот Балкан: перспективи и изгледи во новата ера“, се обрати и раководителката на Центарот за глобални промени на Филозофскиот факултет при УКИМ, Билјана Ванковска. За да се изгради глобална заедница на споделување, според Ванковска значи да се бара отвореност, инклузивност, взаемна корист, еднаквост и правда. Таа додаде дека земјите од регионот треба да ги комбинираат наративите и другите вредности кои ги промовира Кина со оние на Европската унија.

-Сите овие работи можеме да ги најдеме и во европскиот наратив. Зошто само да не ги комбинирате наративите и другите вредности. Мотото на Европската унија е единство и различност, па што не е во ред кога Кина предлага заедничка иднина за човештвото. Тоа е, исто така, единство и различност на цивилизациите, на безбедносните особини, на развојните потреби, подвлече Ванковска.

Претходна вестОд денеска стартува АБА2 лигата, Македонија ќе ја претставуваат три екипи
Следна вестМоторџија прегазил овци, паднал и се повредил