Фрлени „молотови коктели“ врз синагога во Германија

Синагога во Берлин утрово беше нападната со „молотови коктели“ во време кога во главниот град на Германија се зголемуваат антисемитските инциденти и по ескалацијата на насилството на Блискиот Исток. Еврејската заедница соопшти дека нејзината синагога во градската населба Мите била нападната со две запаливи направи, а полицијата го потврдила инцидентот, пренесува АП.

– Непознати лица фрлиле два ‘молотови коктел’ од улица, соопштија од Еврејската заедница на платформата „Икс“ („Твитер“).

Утрово, десетици полицајци вршеа увид пред синагогата, а целата улица на која се наоѓа зградата беше оградена и блокирана за сообраќај.

Еврејската организација во Германија соопшти дека во овој инцидент се вмешани две лица, но не соопштуваат повеќе детали.

– Сите сме шокирани од овој терористички напад. Пред сè, шокирани и загрижени се семејствата од соседството околу синагогата. Зборовите стануваат дела. Идеологијата на Хамас за истребување против сè што е еврејско станува ефективна и во Германија, се вели во соопштението на Централниот совет на Евреите во Германија.

Во комплексот згради на еврејската заедница во центарот на Берлин се сместени синагога, детска градинка, училиште и центар на заедницата.

Претходна вестАрсовска најави: На стотина локации низ Скопје ќе се садат нови дрвја
Следна вестПутин: Војната меѓу Израел и Хамас нема да ескалира, големите играчи не се подготвени за тоа