Посебен закон за плати во јавен сектор или измени на повеќе закони се опции за намалување на за 78 проценти зголемените функционерски плати што ќе се одберат до Нова година. Ова денеска го соопшти министерката за труд Јована Тренчевска која рече дека конечниот збор ќе го има парламентот.
-Една опција е законот за плати во јавен сектор а другата е измена и дополнување на повеќе закони, шест или седум, со кои се регулираат платите на сите оние функционери кои се опфатени со одлуката на уставниот суд. Ние како Влада ќе ги донесеме измените меѓутоа треба да отидат на парламент, парламентот го има последниот збор за платите на функционерите. -И пратениците во периодот што помина од донесувањето на одлуката на Уставниот суд досега можеа да донесат законски решенија на иницијатива на пратениците и пратеничките групи. Не мораше се да се остави на Владата. Ако Владата работи на ова ако Собранието имаше некакво поинакво решение можело во изминатиот период да го донесат тоа решение. Бараме решение, ќе го најдеме решението. До крајот на годината ќе се избере една од опциите, рече министерката Тренчевска.
Таа нагласи дека во периодот што следи заедно со Синдикатот треба да ги дефинираат највисокиот и најнискиот коефициент за пресметката на платите. Тоа, според неа, е процес за кој таа не е оптимист дека ќе успеат да го завршат до крајот на декември иако е дел од едното решение за намалување на платите.