ГАК сподели среќна приказна за две палчиња – Амела и Амра

Среќна приказна за успешен третман на две предвремено родени бебиња сподели денеска скопската Универзитетска Клиника за Гинекологија и Акушерство.

-Амела се роди на 29 ноември минатата година, со екстремно мала родилна тежина од само 550 грама. Нејзината мајка Илзан Османи ја роди во 25 гестациска недела. По 156 дена престој на одделението за интензивна нега и терапија (ОИНТ), Амела, како здраво девојче со тежина од 2640 грама, на 6 мај си замина дома, кај своите родители, објави оваа здравствена институција на својот Фејсбук профил.

Во вториот случај, како што наведуваат, второто палче Амра, пак, се роди исто така како екстремно прематурче, со 820 грама и тоа на 8 март.

-Таа престојуваше кај нас 80 дена и на 27 мај нејзината мајка Мелеќије Сулис си ја зеде во прегратка и си ја однесе дома. Амра замина од ЈЗУ У ГАК – Скопје со тежина од 1.800 грама. На голема радост на сите нас, педијатри и медицински сестри акушерки, двете мали хероини се изборија со сѐ она што го носи предвременото раѓање, се наведува во објавата.

Од ГАК порачаа бебињата да растат среќани и да имаат детство исполнето со љубов и со здравје, уживајќи во прегратките на своите најблиски.

-Ние, секако, продолжуваме со успешните приказни на нашиот тим на ОИНТ, се наведува во објавата.

Претходна вестПрегазен 74-годишен пешак во Скопје
Следна вестМанолева од вработените на Токсикологија побарала предлог за нов медицински директор