Претседателот на Собранието, Африм Гаши, денеска оствари средба со Ангела П. Агелер, амбасадорка на САД во Република Северна Македонија, при што ги поздрави долгогодишните и силни билатерални односи меѓу двете држави и потоа ја нагласи важноста од одржување и натамошно зајакнување на овие односи, кои се од заеднички интерес на двете земји.
Тој изрази благодарност, во име на државата, за континуираната поддршка што САД ѝ ја даваат на Република Северна Македонија, што високо се цени во земјата. Силен столб во билатералната соработка претставува декларацијата за стратешко партнерство меѓу Република Северна Македонија и САД од 2008 година, како и стратешкиот дијалог меѓу двете влади од 2022 година.
Претседателот Гаши истакна дека е многу важна улогата на Република Северна Македонија и Соединетите Американски Држави во промовирање на регионалната стабилност и соработката меѓу земјите од Западент Балкан. Во тие рамки тој информира дека Собранието на Република Северна Македонија претседава со Парламентарното собрание на Процесот за соработка во Југоисточна Европа и од 18 до 20 јуни 2024 година во Собранието ќе се одржи 11. пленарна сесија на Парламентарното собрание на Процесот за соработка во Југоисточна Европа, што претставува уште еден знак на посветеност на земјата за продлабочување на регионалната соработка.
Тој изрази благодарност за континуираната и силна поддршка на Соединетите Американски Држави за напорите на Република Северна Македонија за евро-атлантска и европската интеграција, како и за значајната поддршка за унапредување на политичките процеси во земјата.
Амбасадорката Агелер се заблагодари за средбата и истакна дека Собранието на Република Северна Македонија е една од најзначајните институции во земјата. Таа искажа задоволство од успешно спроведените претседателски и парламентарни избори во земјата, кои биле фер, слободни и демократски.
Таа ја реафирмира спремноста на САД за продлабочување на билатералните односи меѓу двете земји, како и очекувањата за продолжување на спроведувањето на реформите во земјата, со цел добро владеење на правото, реформи во правосудскиот систем, како и борба против корупцијата и криминалот.
Двајцата соговорници се согласија дека во иднина треба поголемо внимание да се посвети на економските прашања со цел подобрување на животниот стандард на сите граѓани, подобрување на образовниот систем, како и привлекување повеќе странски инвестиции со цел Република Северна Македонија да може да напредува на својот европски пат и да ги надмине тешките предизвици со кои се соочува.