Гаши потврди дека границата со Косово ја минал без контрола, МВР требало да ги прегледа пасошите

Претседателот на македонското Собрание Африм Гаши денеска потврди дека неговиот и пасошите на останатите свадбари кои како делегација со полициски обезбедување патуваа на свадба на Косово не биле проверени од страна на полицијата.

-Каде и да одам јас, морам да ги известам припадниците на обезбедувањето кои се блиски до мене. И денеска да отидеме кафе да пиеме, ќе мора да ги известам каде одам, тоа значи и патување приватно, надвор од државата. Практично јас немам веќе приватност, секој од нас е и човек и имаме семејства, треба да се грижиме и за нашите меѓучовечки односи, да не повредиме некого, да ни биде совеста чиста итн. Уредно, сум отишол со најава и сум барал да се почитува закон и процедури. Јас не можам да застанам на пасошка контрола да ги прегледам пасошите, вели Гаши.

Гаши уште еднаш потенцираше дека од него и од останатите лица кои оделе на свадба на Косово не била побарана патна исправа и додаде дека морал да биде придружуван од полиција.

-Јас никогаш, од никого, не сум барал да го прекрши законот, МВР требало да си провери пасоши на граница. Јас прашав дали можам да одам со приватно возило, меѓутоа ми укажаа дека не можам, тоа би било прекршување на законот и дека секаде треба да бидам придружуван од моето обезбедување, рече тој.

 

Претходна вестПензионерите од Штип, Свети Николе и Кочани бараат оставка од претседателката Здружението на пензионери
Следна вестОд понеделник почнува продажбата на билетите за мечот Македонија – Ерменија во ЛН