По затворот во Скопје Павел Шатев во Битола бил сместен во една трошна напуштена куќа. Не беше здрав кога дојде. Никој не го посетувал, освен човекот што му носел храна секој втор ден. Цело време бил сам, без огрев, на студ, во темнина, мемла и влага. Во зимата 1950-1951 година престана да излегува… Научивме дека се разболел и дека го сместиле на лекување во битолската болница, во депандансот за затвореници… Вака во своите записи новинарот и публицист Панче Михајлов ги опишал последните денови од Павле Шатев, македонски револуционер, учесник на АСНОМ, родољуб и публицист, еден од легендарните солунски атентатори од 1903 година, наречени „гемиџии“…
Шатев почина на 30 јануари 1951 година, пред 73 години, а на закопот на битолските гробишта присуствуваа петмина, само неговите најблиски – неговата сопруга, сестрата и уште три блиски роднини. По 55 години од неговата смрт годинава првпат официјална делегација положила цвеќе на неговиот гроб. А таквиот однос кон овој значаен македонски револуционер од страна на тогашната државна власт прозлезе што во тој период, по донесувањето на Резолуцијата на Инфорбирото во 1948 година против југословенското раководство, Шатев застанал на страната на СССР. На 16 јуни 1949 година Шатев бил уапсен „како непријател на државата“ и набрзо му бил одземен пратеничкиот имунитет. Тогаш тој не беше испратен на озлогласениот остров Голи Оток на којшто беа испраќани ваквите затвореници, но доживеа поинаков Голи Оток. Беше прогласен за опасен информбировец, држен повеќе месеци во истражниот затвор во Скопје. Благој Аризанков, кој во тој период ја делеше ќелијата со Шатев, подоцна раскажувал дека Шатев бил многу разочаран од она што го беше доживеал во Македонија.
Тажен крај за револуционер кој својот живот го посвети на борбата за слобода на Македонија и на македонскиот народ.
Шатев е роден во 1882 година во Кратово каде учел основно. Во 1900 година успешно матурирал во Солунската гимназија. Како свесен Македонец им се приклучил на Гемиџиите коишто во 1903 година ги извршуваат познатите Солунски атентати со цел да се актуелизира прашањето на ослободувањето на Македонија. Шатев бил задолжен да го потопи со динамит францускиот брод „Гвадалкивир“. Оваа акција била успешно извршена, при што бродот бил запален, а сите патници биле спасени.
Шатев бил уапсен и на судскиот процес на 6 јуни 1903 година бил осуден на смртна казна. Исчекувајќи го трите години за извршувањето на смртната казна во солунскиот затвор Еди Куле, на 23 април 1906 година, неочекувано, смртната казна му била заменета со доживотен затвор во Фезан, во Сахара. Во 1908 година, по Младотурската револуција, добил амнестија и повторно дошол во Солун. По кусиот престој во Македонија, заминал во Брисел, каде студирал право.
Во текот на Првата светска војна бил мобилизиран во бугарската војска, а по војната активно се вклучил во политичкиот живот на македонската емиграција во Бугарија. Во декември 1921 година, на Основачкиот конгрес на Македонската емигрантска федеративна организација е избран за нејзин претседател. Игра важна улога во потпишувањето на Мајскиот манифест, а од 1925 година активно учествува во дејствувањето на ВМРО (Обединета).
-За да може македонското население правилно да се развива културно, политички и социјално, потребно е Македонија да се одвои во оделна политичка единица, во оделна држава. Идеалот на Македонецот е создавање на една Татковина, оделна македонска држава, со македонска нација, со своја историја и со свој самостоен политички и културен живот…, пишуваше тој во тие години.
Во ноември 1941 година е уапсен од бугарската полиција, а во јуни 1942 година на големиот судски процес против комунистите е осуден на 15 години затвор.
По капитулацијата на Бугарија во септември 1944 година се враќа во Македонија и се вклучува во политичкиот живот на македонската република. На 27 октомври 1944 година е кооптиран за делегат на АСНОМ, на Второто заседание на АСНОМ, одржано на 30 декември 1944 година, е избран за член на Президиумот на АСНОМ, а во април 1945 година станува прв министер за правосудство во првата Влада на слободна Македонија. На таа функција останува една и пол година, до изборот на нова влада, на 31 декември 1946 година. Потоа, се случува апсењето и негово ставање во затвор каде што му се нарушува здравјето…