Тошковски: Министерството ќе може да обезбеди повеќе простори за подигање на патните исправи, ќе може подобро да се организираме од аспект на сликање

Ќе сторам сѐ за да ја релаксирам атмосферата во делот на поднесување на барање и подигање на патните исправи, изјави синоќа министерот за внатрешни работи во техничката влада, Панче Тошковски во интервју за „360 степени“ на Македонска телевизија.

Тој рече дека ќе стори се за граѓаните да се чувствуваат достоинствено во овој процес којшто треба да е најнормален, а е најненормален од денешен аспект.

–Ќе направиме сѐ за да го релаксираме процесот и ќе направиме се за граѓаните на Република Македонија да не останат заробени после 12 февруари. По оние информации што ги имам, за коишто не можам да тврдам со сигурност дека се точни, поради тоа што официјално допрва би требало да ги добијам, околу еден милион и 200 илјади пасоши се издадени со новото име. Ако имаме некаде два и пол милиони пасоши, уште околу толку значи треба да бидат издадени во наредниот период. Физички е невозможно да бидат издадени сите тие и физички е невозможно она што Министерството е должно да го направи кон граѓаните да го направи во една нормална атмосфера. Тоа е последница на сето она што го наследив, но моја работа и моја обврска е тој процес, пак ќе речам, да се реши и ве уверувам дека ќе најдеме начин како да ја релаксираме атмосферата од организациски аспект. Белким Министерството ќе може да обезбеди повеќе простори каде што ќе може луѓето да ги подигнат, ќе може подобро да се организираме внатрешно – од аспект на сликање. Најголемиот проблем е самото печатање и издавање на пасошите, значи печатењето, производството на пасошите е најголемиот проблем, рече Тошковски.

Министерот изјави дека ќе присуствува на седница на владата предводена од Талат Џафери доколку тоа е приоритет за граѓаните и дека тој негов став не е во колизија со изјавата на лидерот на неговата партија Христијан Мицкоски дека министрите од неговата партија нема да му даваат отчет на техничкиот премиер Џафери и нема да одат на владините седници.

Претходна вестГемиџијата Павле Шатев го затвораа и Бугарите и Турците, ама пострада од македонско-комунистички прогон 
Следна вестИсток – запад, лево – десно, СДСМ влезе во тесно